Мој став

Секојдневни Хероини – Снежана Ангелковска Трајковска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Снежана Ангелковска Трајковска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Снежана Ангелковска Трајковска: Ако зборуваме за приватниот момент, тоа е родителството, секако. Мајчинството му дава сосема поинаква, квалитативна, смисла на животот. Ако говориме за професионалниот, интелектуалниот аспект, бездруго тука ќе го споменам моето активно влегување во политиката, кое што го направив уште во сега веќе далечината 1998 година. Политичкиот ангажман, кој во мојата кариера секогаш како фокус ги имал социјалата, рамноправноста на контрибуциата на жената во политиката, еднаквите можности, локалните аспекти – како базичен придонес во националните политики и слично, сето ова за мене беа и се алатки за креирање подобро општество.

Морам да признаам дека политичиот ангажман ми го смени начинот на живот, ми ја смени перцепцијата за начинот на кој што поединецот може да се бори за заедницата. Од друга страна, ме направи и похрабра и многу поодлучна во секој сегмент од животот. Горда сум на овој мој чекор, а стекнатото искуството навистина е вредно животно богатство.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Снежана Ангелковска Трајковска: Она што отсекогаш сум го потенцирала – да добијат шанса! Зарем е тоа многу? Не сум сега јас некоја закоравена и тврдокорна феминистка, но искрено верувам во креирањето на еднакво општетство за сите, тука, мешу останатото, мислејќи и на половата политика. А, во македонската политика, како и во општетството, генерално, сме виделе дека – тука ќе го употребам стереотипот – имало жени како мажи, но и дека имало мажи како жени!

Грамотноста на личниот и професионалниот капацитет и интегритет не зависи од тоа дали некој е жена или маж. Така што сметам дека македонската жена, едноставно, бара само шанса. Од личен агол, сведочам дека кај ниту една жена од моето опкружување не недостасува самодоверба, храброст, одлучност и одважност. Тоа е запишано во генот на македонската жена: столб на семејството, мајка, борец, стоик, напластена генерациска и генетска мудрост… Затоа сметам дека секоја жена заслужува шанса. А, за жал, шансите некако се проретчуваат.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Снежана Ангелковска Трајковска: Да побараш совет од некого, за мене по правило значи дека си доволно умен да научиш нешто од другиот. Во оваа општа брзаница по приземни и испревртени вредности, суетност и себепреценување, мудриот е тој што бара совет, оние другите и онака сè знаат. Значи, она што јас го советувам е многу едноставна животна парола: Не застанувај, продолжи понатаму, ти можеш! Да, можеби звучи како парола, но личната мотивација секогаш била двигателот на успехот и животот.

Секогаш давам совет кој што јас лично би го применила за себе во дадени моменти. Совет значи подршка, да охрабриш човек кога му  е потребно.

Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Снежана Ангелковска Трајковска: Мислам дека, несвесно и во Вашето прашање се имплицира дека “одлучувачите” се мажи, па дека тие треба да направат, да им подарат нешто на жените. Тоа се тие стереотипови на нашето општество. Зошто “одлучувачите” не би биле жени? Зошто на жената да и’ се даде нешто, што можеби и онака го заслужува? Зошто шансите да не се еднакви за сите, по едукација, по стручна подготвеност, по професионален однос, по искуство? Зошто, на пример, дури и кога се еднакви по сите овие параметри, па дури и повеќе, жената е помалку платена од мажот? И уште многу други прашања на оваа тема чекаат одговор во едно современо општество кон кое се стремиме.

Ете, тоа треба да го направат “одлучувачите”, да ги отворат еднаквите шанси за сите!

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Снежана Ангелковска Трајковска: Сосема е природно младите да се несигурни во себе, без оглед дали се тоа мажи или жени. Можеби кај жените тоа било поизразено, на токму тоа е наследството од стеретиповите. Меѓутоа, она што посебно ме охрабрува е дека сè повеќе гледам и среќавам млади жени исклучително свесни за своите квалитети, за своето присуство, за сопствената презентација, за вредностите и позицијата која што ја заслужуваат во општеството. Токму и тоа би била една од моите пораки: Вашиот начин на живот, зависи токму од вас!

Значи, детерминирано и исправено пред предизвиците на животот, целта е напред. Животот не е цел сам по себе, напротив, патувањето низ животот е вистинскиот предизвик. Само храбро, не се колебајте, вреди да се обидете, и повторно, и повторно, и повторно…