Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Даниела Новеска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Даниела Новеска, поранешна ракометна репрезентативка, сега менаџерка во приватен сектор.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во живот?

Даниела Новеска: Да кажеме дека биле повеќе значајни моменти кои го карактеризираат мојот животен пат, или го воведувале од еден во друг правец. Може да се издвои моментот кога тргнав да ја градам својата спортска кариера, многу моменти кога победував или губев, или моментот кога ја завршив истата и посакав и одлучив да бидам мајка и сопруга, или пак градењето на мојот бизнис проект. Можеби има уште, но сето ова ќе го заокружам со моментот кога сватив дека животот е еден циклус, а сите ние сме дел од него.

Животните приказни на луѓето кои ми значат, кои болката ја оставаат “зад сцената”, а во реалност ме оставаат без здив. Моментот кога сватив дека не се жртвува сопствената среќа во име на љубовта. Целиот живот го минуваме барајќи се себеси, делувајќи преку нашите секојдневни цели ја бараме сопствената смисла на постоење.

Запознавајќи го апсурдот на модерното време, се учиме да кажеме дека “животот е борба”, паѓаме и губиме, но затоа стекнуваме искуства кои не градат посилни од порано, а со тоа ја осознаваме причината за надеж и подобро утре.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Даниела Новеска: Спортот навистина за мене значеше/значи мојата прва најголема љубов, поради што од својата 13-та година секогаш имав свој мал буџет во џебот. Тогаш не ми беше јасно што точно се случува но јас бев амбициозна да заработам на начин кој ми причинуваше големо задоволство.

Од денешна перспектива сваќам дека уживав во независноста и слободата што ми ги пружаше мојата определба како спортист. Правев нешто што го сакав, а за тоа добивав финансиска потврда што дополнително ме мотивираше, едноставно уживав, бев независна, слободна и среќна. Истото го правам и денес, имам работа што на почеток беше и сеуште е комплексна и носи своја тежина, но јас ја сакам и со голем ентузијазам приоѓам секој ден. Се чувствувам, среќна и исполнета што е најважно од се.

Девојки, жени заборавете на лошите навики дека треба да очекувате заштита од вашиот партнер, маж или личност која ќе ве издржува во животот. Верувајте во себе, во своите соништа и бидете си најголемата лична подршка.

Многу е важно што порано да зачекорите по патеката на својата реализација, својата цел, независност, слобода, лично задоволство и среќа.

Кога ќе се научиме јасно да зборуваме и да ги изнесеме нашите ставови, потреби и желби, не може никој да не спречи, одлучноста е клучна во изборот на секоја девојка и жена. Е потоа следува подршката не само од најблиските туку и од околината која е сведок на енергијата и ентузијазмот кој зрачи од вас. Чекорете цврсто и одлучно.

И да, ќе кажам и за бракот …. поставете си партнерски однос со вашиот сопруг, секој модерен маж треба да биде среќен и горд на една самосвесна одговорна жена. Взаемна поддршка помеѓу партнерите треба да биде приоритет во една брачна заеднца.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Даниела Новеска: Бидете горди на себе и тоа што го правите, радувајте се на секој еден ден без разлика и дали сме грешеле или сме направиле правилен избор. Ако успееме да ги согледуваме грешките и начиме што е правилно, ние растеме, а расте и нашата самодоверба, што пак е основен предуслов за успех. Размислувајте за себе и за тоа што ви се случува, размислувајте за добро! Како што рекла Де Бовоар, хероината на феминизмот: “Самоспознавањето не е гаранција за среќа, но е на страната на среќата и може да ни ја обезбеди ХРАБРОСТА да се бориме за неа.”

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Даниела Новеска: Жените да бидат амбициозни, со сите свои доблести да се борат за своето место во општеството, да имаат кариера, да бидат граѓански активистки, да си ги знаат и бараат своите права.

Заедно да се бориме за една силна едуцирана и независна жена и пожртвувана мајка.

Едукација, едукација, едукација ….., и вложување во наука, уметност, креативност.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Даниела Новеска: Живеење според туѓи правила и очекувања без задоволство на сопствените суштински потреби, односно би се ослободила од таканаречените судбински окови.

Би си подарила повеќе време за себе, време поминато со значајните луѓе во мојот живот, би престанала да се тркам со брзото животно темпо.

Кога би постоеле доволно ресурси би било идеално создавање на еко зони, прочистување на воздухот кој го дишиме, содавање на здрави животни навики иако во последно време свеста за тоа е се поголема што е за секоја почит, згрижувачки центри за бездомниците и загрозените категории итн. Листата е навистина бесконечна, затоа е многу важно секој поединец да работи на својот личен прогрес, па малку по малку да почнеме да се придвижуваме до едно општество што ќе биде подобро за сите.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни ви себе?

Даниела Новеска: Инспирирајте се, слушајте или читајте за животните приказни на успешните и неверојатни дами кои оставиле важен општествен печат.

Сепак, потребно е време да научиме да се чувствуваме удобно во својата кожа. Сосема е природно понекогаш да се каеме за кажаните нешта, да се сомневаме во направениот избор или да сакаме да се подобриме во некоја област или да направиме големи промени. Дури и најсигурните и најискрените личности имаат работи со кои не се целосно задоволни.

Многу е важно да се елиминирааат негативните мисли и зборови. Негувајте отворена комуникација со себе и и со блиските. Погрижете се за вашите потреби, но внимавајте и на потребите на другите.

Поминете време со луѓе кои ве сакаат. Нема ништо поубаво од опкружувањето на луѓе кои ве љубат и ги љубите, ваши блиски пријатели поддржувачи кои ви ја зголемуваат вашата самодоверба и прават да се чувствувате среќни и прифатени.

Потврдете си ги сопствените вредности и сакајте се поради тоа, но и прифатете си ги вашите недостатоци и бидете свесни дека се дел од вас се додека не успеете да ги победите.

Најважно од се, одржувајте баланс на бистар ум, ослободено срце и силен дух, само така ќе можете јасно да чекорите кон вашите перспективи, спремни да се соочите со предизвиците што ви ги носи животот и да уживате во вашиот личен прогрес.