Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Јасмина Петковска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Јасмина Петковска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Јасмина Петковска: Постојат повеќе такви моменти. Но дефинитивно нема да го заборавам онај момент кога за свое добро како жена, морав да донесам одлука сама со себе. Си реков на себе си: ако сакаш да успееш мораш да играш во ринг со лавови. Ако не играш како нив, ако не бидеш ѕвер, и киниш и гризиш, ќе те изедат останатите ѕверови. Да се однесуваш некогаш како маж за да не може никој да те повреди. За да успееш. Тоа беше на почетокот на мојата кариера во хотелиерството. А како автор, колумнист, писател, постоеа моменти кога ме допираа коментари на луѓе заради моето јавно мислење, и заради кои патев. Но сега знам дека вредело! Повеќе не ме допираат немили и неуки коментари од луѓе кои се силни само зад тастатура од лажни профили. Сега ми е битна онаа бројка од 27.000 илјади следбеници на мојата страна Белиот Лебед кои секојдневно ми даваат љубов за мојата храброст да искажам реалност за подобро утре! Морам да кажам дека има и доста мажи кои ги разбираат вредностите на жените. Јас успеав да бидам слушната, издржав! За мене откажувањето никогаш не било опција! И нема да биде.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Јасмина Петковска: Потребно им е понекогаш да не се толку силни. Да се почувствуваат слободни. Да знаат дека оваа држава стои зад нив. Жената да добие оправдано боледување за време на циклус. Да им се даде можност на апсолутна слобода да може без страв да говорат за тоа дека жените не можат да се вработат или работат по две работи кои не се дел од нивната струка или диплома. Да постојат промени и дополнителни закони за женската заштита, за работоспособност, помош за вработливост, а не чукање на секоја врата со дипломата во раце и секоја ви е затворена пред нос! Да можат да кажат: Да, јас учев, дипломирав, ти си држава и треба да ме вработиш!  

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Јасмина Петковска: Грижи се за себе. Негувај го твоето физичко и психичко здравје. Кажи си убав збор на себе си, и верувај во себе. Оној момент кога ќе мислиш дека се потонало, фати се за твојата верба во себе и издржи. Ќе помине.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Јасмина Петковска: Постојат средини во кои за жал жените се уште се третираат како во некој минат век. На одлучувачите би им препорачала прво да сфатат што значи да се биде жена, односно јавно да се дебатира дека жените и тоа како треба повеќе да се ценети и да имаат повеќе поволности. Жената е и работник на работа, домаќинка дома, мајка, столб на едно семејство. Ние сеуште не сме добиле право како во другите европски земји во кои кога жената поминува низ циклус е ослободена од работни денови. Одлучувачите треба да размислат дека со сите овие особини на една жена, дали таа треба и повеќе да е платена на својата функција! Дали во средните училишта треба да се дели помош на секое девојче со хигиенски средства кои некој не може да си ги дозволи. И за таа табу тема отворено да се разговара и да се донесат нови закони за истата.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Јасмина Петковска: Би донесла закон со кој би кажала дека и жените ја бираат власта, а не само мажите. И дека ако жените ја бираат власта, која и да е, да знаат дека ние ја бираме власта за таа да работи за нас, а не ние за власта! Дека власта ако е избрана и од женски пол и глас тогаш таа иста власт е морално да застане зад жената и да има слух. Би го променила стравот во жените. Во жените константно владее страв од владари, односно работодавци, институции кои во очите на жените изгледаат како робовладетели, сопственици на животот и смртта. Јас би им дала воздух да дишат, и слобода. Зошто апсолутната слобода значи доверба, не постоење на страв, и милост.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Јасмина Петковска: На младите жени би им препорачала да работат на себе. Да вложат во своето образование,да не ги прифаќаат стереотипите во кој некој ќе им кажува колку години имаат, дека е срам да немаш “сеуште”  маж, дека е срам да си самохран родител, дека е срам да се облекуваш како ти сакаш и дека не ти личи за годините. Бракот, гардеробата, не те одредуваат како личност. Да бидат свои. Да си ги остваруваат соништата. Да не дозволат да бидат деградирани или да мислат дека не се на исто ниво со мажите. Да не се плашат да кажат „Не, не сакам. Мој живот мои одлуки макар и биле грешни.“