Општо

Секојдневни хероини – Соња Русевска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Соња Русевска, медицинска сестра во Интервентна кардиологија во Жан Митрев Клиник.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Соња Русевска: Животот исфрла толку извртени заплети што бараат само сценарио. Бурите во животот се за да те направат посилна, а не да те затворат во себе. Бурите ме направија пострплива, да го оставам секогаш трагот на позитивна личност, во негативните ситуации да ја задржам насмевката на лицето.

Низ неколкуте пресвртници во мојот живот, невообичаени моменти  ме поттикнаа да се потсетам на мојата моќ која ја поседувам и е постојана.

Упорноста и храброста пак, имаа најголемо влијание, ми ја одиграа главната улога, тие беа дел од мојот карактер. И така го  прифатив предизвикот да напредувам на работно поле и станав единствената медицинска сестра во Македонија за кримпирање на биолошките аортни валвули, за една од најкомплексните процедури во кардиологијата наречена ТАВИ.

Го извлеков најдоброто од една институцијата како што е Жан Митрев Клиник, на која сум горда што сум и јас дел од нејзината долгодишна приказна за лидерство и успех, која годинава на 1 март прослави 25 години постоење.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Соња Русевска: Најпотребно им е да се почитуваат, нивниот глас и нивните права.  Да се охрабрат и подржат меѓусебно.

Да имаат можност да ги покажат своите квалитети, со многу труд и работа да постигнуваат се поголеми резултати, а сепак да ја задржат нивната вредност.

Да имаат загарантирани еднакви права и можности,  вклученост во донесување на одлуки,  живот без насилство, независност и сигурност во сите сегменти од живеењето.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Соња Русевска: “Не треба секогаш да ве разбираат, понекогаш е доволно да ве прегрнат.”

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Соња Русевска: Да им ја вратат довербата на жените дека се важни, тие и нивните приказни, нивните ширум отворени раце за подршка, но и за нивната визија за одлучност и рамноправност, Да испишат правила за професионален раст  и развој на жените, токму онаму каде што е  заборавено да се направи тоа.

И да не биде само добра идеја, туку да се заложат, да се стави крај на насилството врз жените, без оглед на тоа какво е или каде е.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Соња Русевска:  Најпрво, би ги променила сите на раководни места кои одлучуваат за иднината на другите жени, кои по било кој основ сакаат  да им наштетат, финансиски, институционално или на било каков начин како би биле повредени.

Второ, еднаш кажав дека би ги сменила законите за семејно насилство, не само за жени туку и за деца, бидејќи законите за заштита од семејно насилство нажалост сеуште не постојат.

И трето, жена премиер на Македонија.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Соња Русевска: Немојте да се плашите од тоа што не го знаете. Не секој е способен да успее во овој суров свет во кој живееме, но вистинската инспирација и мотив можат многу да направат во каква насока ќе се движите. Вашата решителност да биде вашата најголема сила која ќе ве осигура дека ќе ги правите работите правилно и поразлично од сите останати. Така ќе имате повеќе самодоверба зошто вие вредите.