Др. Маја Ангелеска Дабеска – специјалист педијатар

maja1

Др. Маја Ангелеска Дабеска e специјалист педијатар во ПЗУ Ла Медика Скопје, општина Чаир. Образованието го стекнува во Средното медицинско училиште Др. Панче Караѓозов Скопје, на Медицинскиот факултет при Универзитет Св.Кирил и Методиј Скопје, а потоа се стекнува и со специјализација по педијатрија на Клиниката за детски болести Скопје. Работното искуство го започнува во Јавната установа детска градинка Мајски Цвет Скопје, како лекар во сите четири клонови на градинката, ја продолжува како матичен лекар во ПЗУ по педијатрија и општа медицина во поликлиника Ченто, за конечно да ја основа ПЗУ Ла Медика во општина Чаир. Накратко, успешна жена на која со целосна сигурност можете да и го препуштите здравјето на Вашето дете.

Еднакви.мк: Вие ја основавте и ја раководите амбулантата за општа пракса и педијатрија Ла Медика.  Што Ви беше најголемиот поттик да започнете сопствен бизнис и колку беше тешко да се донесе таква одлука?

Др. Маја Ангелеска Дабеска: Првенствено би сакала да Ви се заблагодарам што сум дел од овој избор, навистина е чест да сум вклучена во оваа група на успешни жени.

Да се донесе одлука за сопствен бизнис, не е лесно, поттик ми беше и сеуште ми е големата желба да работам  со пациенти , пред се деца и да видам колку самата можам да успеам во некој ваков проект . Упорноста ми е една од битните карактеристики. Имено јас и додека студирав медицина , истовремено ја имав и улогата на млада мајка и секако тешко беше да се постигне се , поготово што со сопругот живеевме сами , но со несебичната помош од мојата сестра и мајка , со мојата голема упорност и правилна организација на времето и обврските успеав во тоа. Денес пак, поддршката која ја добивам од мојот сопруг и моето најблиско семејство е мој најголем  поттик да се продолжи понатаму, да се направи уште еден чекор напред.

Еднакви.мк: Дали имавте (имате) моменти на колебање и пречки и како се справувате со нив?

Др. Маја Ангелеска Дабеска: Моменти на колебање секогаш има, дали ќе успеам да постигнам се, дали можам да одговорам максимално професионално на предизвиците на кои наидувам? Дали ќе успеам да се справам со сите препреки кои надоаѓаат?  Дали мојата професионална активност и дополнително секојдневно вложување ќе ме дефокусира од моето семејство кое секогаш има примарно место во мојот живот? Но секојдневно постигнатиот успех ми е најголема мотивација да продолжам понатаму .

Еднакви.мк: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате, имајќи во предвид  дека истовремено сте и мајка и сопруга и успешна во професијата?

MajaДр. Маја Ангелеска Дабеска: Предизвици има многу, од секој сегмент во животот, како со сопругот да израснеме здрави и правилно воспитани деца, како да оддвојам време за мојата сестра, за родителите, пријателите , како и самата да си одвојам време за моите слободни активности како на пример трчањето кое е моја голема страст .

Од професионален аспект, освен медицинската помош која им ја давам на пациентите , се трудам да ги сослушам , да поразговарам  со нив во врска со секојдневните проблеми со кои тие како родители се соочуваат, пробувам  да ги едуцирам  младите мајки како да се грижат за своите деца од најмала возраст и да успеат да израснат здраво поколение.

 

Еднакви.мк: Како се справувате со тие предизвици?

Др. Маја Ангелеска Дабеска: Справувањето е едноставно, желбата да се постигне се, мотивацијата која ја добивам со секоја бебешка насмевка, со секој задоволен родител и пациент. Среќата кога моите најмили ќе кажат мамо ти си секогаш тука за се.

 

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени?

Др. Маја Ангелеска Дабеска: Имам само една препорака до сите млади жени , никогаш да не се откажат од своите соништа, успехот и личната сатисфакција во секое поле доаѓа од упорна работа и максимална посветеност на поставените животни цели.

 

2 Comments on "Др. Маја Ангелеска Дабеска – специјалист педијатар"

  1. Radica Nikodinovska | March 3, 2016 at 09:47 | Reply

    Вистинско задоволство е да се чита овој текст кој раскажува за навистина успешна приказна. Сепак приказна која бара многу труд, многу себевложување, пред се’ во едни бурни и тешки времиња. Се надевам дека ќе имаме можност да слушнеме за уште многу вакви примери а на младата одлична докторка и посакувам никогаш да не се откажува од своите соништа и хуманоста секогаш да и’ биде главна водилка во животот.

    • Почитувана Радица,
      ќе има уште многу интервјуа со успешни жени на различни полиња.:) Секако доколку сакате да споделите некоја таква приказна со нас добредојдена е. Само пратете ни ја преку контакт формуларот. Да се надеваме дека во иднина жените ќе ги имаат истите можности како мажите без толку саможртвување.

Leave a comment

Your email address will not be published.

*