РепортерКа – „Мултитаскинг“

reporterka

„Мултитаскинг“ е новиот хит на модерното време кога сите се обидуваме да завршиме повеќе работи наеднаш убедени дека ги правиме исправно. За жал, сите истажувања на областа укажуваат дека кога правиме повеќе наеднаш за да заштедиме на време на крај губиме 20-40% од времето, најчесто бидејќи работите се полошо сработени отколку што тоа би го направиле доколку ги работиме поединечно и треба да ги преработиме. Сепак во денешно време немаме доволно часови во текот на денот кои би ни овозможиле да си ги завршиме сите обврски една по една и прибегнуваме кон „мултитаскинг“. Секогаш кога ќе се фатиме дека сме почнале да правиме повеќе работи наеднаш треба да застанеме и да размислиме како најефикасно ќе ги завршиме сите за најкратко време. Еве неколку совети како да успеете времето што го имате на располагање да го искористите максимално.

Посветете се целосно на работата што ја обавувате во моментот

Често се случува кога ќе почнеме нешто да работиме да ни излезат уште 2-3 ситни задачки, кои (по наше мислење) нема да ни сметаат во обавување на примарната работа. На пример, да слушаме музика додека учиме, или да прегледаме два-три мејла (или провериме што се случува на фејсбук) додека пишуваме текст или подготвуваме бизнис план. Овие навидум мали кратки прекинувања всушност влијаат многу на нашата концентрација и успешноста со која ќе ја обавиме примарната задача која е пред нас.

Поставете временска рамка за реализирање на обрската

Правилното менаџирање на времето е исклучително важно кога правиме повеќе работи наеднаш. Секогаш ставете временски рок за кој сакате да ја завршите обврската. Внимавајте да не си зададете премногу краток рок, бидејќи на тој начин може брзајќи да го стигнете рокот работата да ја завршите неквалитетно. Обидете се при планирање на потребното време да ги вметнете и прекините кои очекувате да се појават (на пример разговор на телефон, кафе пауза или пауза за јадење, или време потребно да обавите некоја ситна работа која е неизбежна), но не додавајте непотрено дополнително време.

Користете го ефикасно времето на чекање

Доколку исполнувањето на некоја задача не зависи само од вас и мора да чекате одговор или информација од некој друг, испланирајте тоа време да го пополните со некоја друга работа која треба да ја завршите. Тоа може да биде и читање на книга, или подготвување за испит (доколку студирате паралелно со работата) или пак едноставно средување на работната маса. Никогаш не оставајте времето на чекање да ви поминува неефикасно, имајте при рака неколку помали работи или задачи кои треба да ги обавите.

Направете приоритетна листа

Секогаш правете ги прво работите кои Ви се најважни и кои Ви носат некаква добивка, било да е тоа материјална или нематеријална. Сите го знаеме ова, но често дозволуваме да ни се одвлече вниманието со нешто неприоритетно. На пример, да се зачитаме некој текст на фејсбук или да отидеме на кафе со пријателката за да и ја раскажеме забавата од претходната вечер, наместо да ја направиме задачата која ни ја дал раководителот. Овие одвлекувања на внимание посебно ни се случуваат кога задачата која ни е приоритетна всушност не ни се допаѓа. Токму тогаш треба да се фокусираме и да ја обавиме работата, колку и да ни е непријатна, бидејќи таа нема да исчезне и сепак ќе треба ние да ја обавиме.

Планирајте однапред

Кога знаете дека некоја работа ќе треба да ја обавите во моментот кога ќе бидете во најголема гужва, поделете ја на поедноставни активности и испланирајте како да ги завршите во текот на денот. На пример, ако знаете дека вечерта ќе имате гости на вечера, а немате време однапред се да подготвите, испланирајте пред поаѓање на работа да го подготвите приборот за јадење, во текот на работниотниот ден (за време на паузата на пример) да ги купите потребните намирници, испланирајте оброк кој не бара да се постојано покрај шторетот (на пример печено месо) и искористете го времето додека е месото во рерната за да ја поставите масата, да се освежите и подготвите за вечерата. Притоа кога планирате на правите повеќе работи наеднаш обидете се тоа да се работи кои Ви се рутински, за оние задачи кои бараат да сте фокусирани секогаш испланирајте посебно време.

Правете распоред на денот

Обидете се да направите распоред за целиот ден, вклучувајќи го и времето за одмор, туширање, гледање телевизија и слично. Планирајте дури и комбинирање на активностите, внимавајќи секогаш да биде физичка активност заедно со ментална, бидејќи на тој начин ќе ги обавите двете без грешки. На пример, додека ја гледате вашата омилена емисија или серија можете да пеглате или да вежбате. Не е практично да испланирате две ментални активности наеднаш, на пример да гледате телевизија додека пишувате проектна задача, бидејќи така ниту ќе ја изгледате емисијата ниту ќе ја сработите задачата квалитетно.

 

Иако сето ова на прв поглед ни делува многу едноставно, сепак неговата реализација бара многу дисциплина. Треба целосно да сте посветени не само на планирањето туку и на придржување кон планот. Се разбира секогаш ќе ни излегуваат непредвидени и неодложни работи. Во таков случај не се обидувајте да го завршувате тоа паралелно со тоа што Ви е планирано. Напротив поефикасно е да го прекинете тоа што го правите по планот, завршете ја итната обврска и потоа продолжете по планот. И најважно од се, не се плашете да експериментирате и да пробувате различни начини додека не најдете што највеќе функционира за Вас. :)

 

Be the first to comment on "РепортерКа – „Мултитаскинг“"

Leave a comment

Your email address will not be published.

*