Андреа Спехар – вонредна Професорка на Универзитетот на Гетеборг

andrea spar 1

Андреа Спехар е вонредна професорка по политички
науки на Универзитетот во Гетеборг, Шведска и истражувач во Центарот на Универзитетот за Европски Истражувања (CERGU). Полиња на нејзиниот интерес се миграционата политика, развој на политичките партии и развојни политики за родова еднаквост во Централна и
Источна Европа.

Еднакви.мк: Вие сте авторка на истражувањето Политика на Псевдо Активности – Локална самоуправа и имплементација на родови политики во Западен Балкан . Што сметате дека се најважните резултати од тоа истражување?

Андреа Спехар: Станува збор за една компаративна студија меѓу Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, во која анализирав на кој начин се имплементира родовото буџетирање на локално ниво. За родово буџетирање се одлучив бидејќи тоа е една политичка област во која се усвоени многу стратегии, дури и пропишани се членови во Законите за родова еднаквост. Исто така и странските донатори имаат инвестирано големи финансиски средства за развивање на процесот на родово буџетирање во овие три земји , па се заинтересирав  што точно се случува во оваа област. Ги разгледував факторите  кои влијаат на процесот на имплементирање на родовото буџетирање. Тоа се:  политичка волја, политички капацитет, како и потребата од родово буџетирање, која исто ја сметам за голем фактор ако тргнеме од прашањето „Зошто политичарите би требале да ги имплементираат овие политики?“. Ова може да се гледа како прашање на идеологија на политичарите, дали тие се залагаат за родова еднаквост. Потоа прашањето на потреба, дали некој ги форсира да ги имплементираат политиките, дали има женски гласачки лоби групи, дали има некое влијание од националните влади. Ги анализирав и политичките капацитети, односно како опрадуваат во случај да не направиле ништо во областа на родово буџетирање. Резултатите за жал се навистина многу лоши. Истражувањето покажа дека поголемиот број на општини не прават ништо, немаат никаков вид на инвестиции во областа. На пример, во Босна и Херцеговина, само околу 12% од општините имале било каква активност. Потоа увидов дека има мал број на општини кои имаат некакви активности, но тие се многу лимитирани. Воглавно се фокусираат на некакви инвестиции за жените, на пример жени во спортот, кога инвестираат повеќе во спортски клубови на жени. Исто така инвестираат во инфраструктура, за креирање на пошироки улици, обуки за советници, градоначалници или претставнички на НВО. Но Меѓународните регулативи пропишуваат дека родовото буџетирање треба да биде сеопфатно. Значи целиот буџет да родово сензитивен, а не само во одредена област. Исто така, инвестициите треба да се прават повеќекратно, а не да се направи една инвестиции, па потоа да нема ништо. Посебно се престанува со активностите во оваа насока одкако ќе заврши финансирање од страна на  донаторите. Локалните политичари воопшто немаат иницијативност и мојот заклучок е дека ова преставува технократски проект, а не политички проект. Според мене тој пристап  е целосно погрешен, бидејќи родовото буџетирање е политичко прашања и политичките партии треба да ги информираат гласачите  што застапуваат и за што се залагааат. Но анализата на состојбите во трите Балкански земји од поранешна Југославија покажа дека партиите  на локално ниво имаат целосно спротивен пристап од овој. Тие воопшто не говорат за подобрување на родовата еднаквост или воведување родово буџетирање како алатка, во своите кампањи, ниту даваат ветувања за овие прашања. Накратко, има недостаток на локални политики на ова поле, а и оние што постојат се поттикнати од меѓународната заедница преку локални консултати и вклученост на женските НВО. При тоа активностите од оваа област воглавно  се одвиваат во поголемите општини, додека во помалите може да се заклучи дека воопшто не се спроведуваат.

Самиот наслов на истражувањето укажува дека многу од прашањата поврзани со родовата еднаквост се ставаат на дневен ред про форма, без механизми за нивна реализација. Многу е опасно и тоа што некои политичари се исклучително горди на своите активности и се фалат дека имаат изработено стратегии за родово буџетирање, а за жал се работи само за декларативни заложби, што се  користат за залажување на меѓународната заедница дека посветено се работи на оваа проблематика.  Мислам дека сите актери на полето на родова еднаквост на Балканот треба да преземат активности за да се надмине оваа опасност, односно политиките и стратегиите кои се креирани да не бидат само на хартија без да се реализираат и евалуираат резултатите.

Еднакви.мк: Што е тоа што треба да се промени за имплементација на родовото буџетирање и кои се најитните проблеми?

Андреа Спехар:  andrea sparРодовото буџетирање би требало да обрне повеќе внимание на социјалните прашања, како што се институции за грижа за деца, како алатка која ќе им овозможи на жените полесно балансирање на професионалниот и семејниот живот. Треба да се предизвикаат и перцепциите за улогите на мажот и жената во општеството, како и да се зборува за визијата која ја имаме за општеството во поглед на поделените улоги во професионалниот и семејниот живот. Европската Унија исто така е прилично конзервативна средина во однос на родовата еднаквост, но во изминатите години, благодарение на активното лобирање, се повеќе е ставен акцент во нејзините политики на балансирањето на семејниот и професионалниот живот. Скандинавските земји често се даваат како позитивен пример, каде и стапката на раѓање е голема и учеството на жените на пазарот на трудот е големо, бидејќи едновремено и мажите и жените имаат можност и за професионален и за семеен живот. Исто така, прашање е и колку гласачите се информирани за родово буџетирање и ги прашуваат политичарите за родово одговорно буџетирање. Дополнително прашање е кој е начинот за успешно унапредување на родовата еднаквост на локално ниво. Дали е родовото буџетирање вистинскиот начин, бидејќи гледаме дека наидува на голем отпор или можеби треба да се користат други механизми.

Еднакви. мк: Покрај тоа што правите истражување дали сте вклучени на друг начин во промовирање на родовата еднаквост?

Андра Спехар: Вклучена сум индиректно. Бев дел од женското движење во Хрватска во 90тите и следам континуирано што се случува на тоа поле, бидејќи сметам дека родовата еднаквост укажува на функционирањето или нефункционирањето на едно општество.

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени?

Андреа Спехар: Најважно за младите жени е образованието, без оглед дали е дома или надвор од државата. Иако поради лична индивидуална надградба им препорачувам да се образуваат во странство, бидејќи образовните системи кај нас се многу лоши. Но без оглед каде се образуваат да работат на градење на сопствената независност, а подоцна и да најдат партнери со кои ќе можат подеднакво да споделуваат. Исто така, сметам дека е важно да се вклучени во општествените текови, и тука не мислам само на женските движења, туку во поширока демократска смисла. Запознав многу способни млади жени во Македонија кои имаат огромен потенцијал и мислам дека е за поздравување што добар дел од нив се вклучени во граѓанските движења во државата, бидејќи за да можеме да ги менуваме работите на подобро треба рво да го смениме системот на функционирање.

Be the first to comment on "Андреа Спехар – вонредна Професорка на Универзитетот на Гетеборг"

Leave a comment

Your email address will not be published.

*