РепортерКа – Како да препознаете мобинг?

reporterka

Според ЈУРА ЛАБОР  постојат 3 основни вида на мобинг врз основа на тоа кој е вршител на мобингот:

-Хоризонтален мобинг е мобинг кој се одвива меѓу работниците со еднаква положба на хиерархиското скалило, односно кoга еден или цела група работници заради внатрешни проблеми, завист и љубомора, избираат еден работник – жртва, врз кого сакаат дадокажат дека се силни и способни;

– Вертикален мобинг – кога се врши по хиерархија: претпоставениот малтретира еден работник или цела група, или, пак, група работници малтретира еден претпоставен;

-Стратешки мобинг- кога се вршат структурни промени во фирмата или установата (на пр. рационализација и прогласување технолошки вишок), претпоставените организирано мобираат одредени лица кои се непожелни, за тие сами да дадат отказ без да бараат отпремнина, отштета и сл.

Притоа, постојат многу начини на кои може да се спроведе мобингот.

Класичен пример за мобинг е навредување на работникот од страна на работодавачот или колегите, пред колегите или насамо. Жртвата на мобингот постојано се критикува, се навредува, се казнува без оправдана причина. Имаше примери од текстилната индустрија кадешто работодавачот со многу погрдни зборови ги навредувал своите вработени.

Но, мобингот може да биде и посуптилен. На пример, на вработениот не му се даваат да извршува работни задачи или му се даваат да извршува премногу лесни задачи- со цел да се посочи на неговата/нејзината неспособност за работа. Или, пак, може на работникот да му се дадат претешки задачи, задачи кои не можат да се завршат во предвидениот рок или не му се даваат потребните средства за работа- со цел да работникот да се откаже од работата. Мобинг е и кога работодавачот не им дава слободни денови или одмор на своите вработени или на дел од нив.

Мобинг е и кога колегите или работодавачот го урива авторитетот на личноста на вработениот со тоа што се измислуваат најразлични приказни за него/неа, се озборуваат, се исмејуваат и во негативна смисла се коментираат личните особини.

Неретко се случува мобингот да биде спроведен во една ,,тивка’’ форма. Тогаш личноста жртва на мобинг не се навредува јавно и не и’ се оспоруваат работните способности, туку станува целосно изолирана во работната средина, со неа никој не разговара, сите ја игнорираат, не ја повикуваат на заедничките состаноци итн.

Половото, односно сексуалното вознемирување на работното место се случува во два основни формата: ,,услуга за услуга’’ и сексуално вознемирување кое создава непријателска работна атмосфера. Првиот вид функционира на начин што жртвата на сексуалното вознемирување се условува дека нема да добие услуга или заслуга доколку не се согласи на сексуален однос или пак дека ќе следуваат негативни последици по жртвата. Вториот вид на сексуално вознемирување функционира на начин што создава непријателска и навредлива работна атмосфера. Дејствијата со кои се врши овој вид на сексуално вознемирување можат да бидат вербални и невербални, односно искажани усно, со гестикулации или со физички контакт, вклучувајќи обиди за силување и силување.

Be the first to comment on "РепортерКа – Како да препознаете мобинг?"

Leave a comment

Your email address will not be published.

*