СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Марија Мери Георгиевска

30715611_1205214016279774_8962957664208289792_n

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Марија Мери Георгиевска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Марија Мери Георгиевска: Два моменти во животот ги сметам за пресвртница.

Прво,улогата на  мајка и сопруга секогаш ќе биде моја клучна улога во животот. Како мајка и сопруга постојано работам на промоција на моралните вредности преку своето лично однесување во  семејството, во работната средина и воопшто во општеството.

Второ, одлуката активно да партиципирам во политиката.Со своето активно учество  повеќе од 18 години, давам свој личен придонес во поттикнување на нашата самодоверба како жени кои што постојано ја покажуваат и докажуваат својата солидарност и општествена одговорност кон себеси и кон другите.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Марија Мери Георгиевска: Менувањето на сликата во општеството се постигнува со промена на неговото дејствување и со менување на главните политики. Потребна е политичка поддршка, но и поддршка од интелектуалната и научната елита за афирмација на жените во градењето на  вистинскиот пат за еднаквост, бидејќи тие се креаторите на јавно мислење кои ќе придонесат за тоа. Како жени треба да бидеме проактивни, а не реактивни.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Марија Мери Георгиевска: Патот во  животот и приватно и професионално секој го трасира сам. Секое  лошо искуство може да е само подготовка за наредно добро искуство. Секоја затворена врата, води кон нова врата. Ништо што ни се случува не постои за да не скрши, туку за да не направи помудри, подобри, почовечни, посовесни.

Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Марија Мери Георгиевска: Сеуште малата застапеност на жените и во политиката и во општественото живеење не е резултат на недостаток на способни жени или пак поради некаква голема дарба за доминација на спротивниот пол. Веројатно е поради традицијата и стереотипите. Има жени способни да се справуваат со проблемите на заедницата, жени што имаат силен карактер и храброст да дадат многу повеќе од оние од спротивниот пол, кои се со многу компетенција ама малку кооперација

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Марија Мери Георгиевска: Секогаш е тешко и секогаш ќе има проблеми и препреки. Но она што треба да ве води во животот и ќе биде вашиот најголем успех, е тоа кога ќе направите нешто добро за семејството, за пријателите, за заедницата, за општеството.Не ги заборавајте личните квалитети оптоварени од своите маани. Не мора да се направи нешто многу големо за да се докаже личната вредност. Отворете ги очите, отворете го срцето и душата.Верувајте во себе и ќе видите како пред вас се поместуваат “планините”…

1 Comment on "СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Марија Мери Георгиевска"

  1. Mirjana Poposka | May 28, 2018 at 19:57 | Reply

    Горда сум што можам да потврдам дека Марија Георгиевска, како жена и моја сопартијка е успешен пример за афирмирање на определбите кои придонесуваат за подобрување на статусот на жената во сите свери на општественото живеење и со справување со натрупаните проблеми, со коишто жената во Република Македонија денес се соочува.

Leave a comment

Your email address will not be published.

*