Дора Попова Узуновски – Психолог и Гешталт советник

dora1

Еднакви.мк: Вие сте дел од тимот на Интернационалниот Гешталт Институт на Македонија. Која е главната улога на овој Институт и какви услуги нуди?

Дора Попова Узуновски: Интернационалниот гешталт институт на Македонија е формиран во 2010-та година од тим на врвни професионалци психолози, гешталт терапевти кој работи се до денес. Идејата е да се прошири гешталт терапијата во Македонија како еден од психотераписките правци, не само во едукативна форма, туку и искуствено на полето на личниот развој кај луѓето со што тие би можеле да го подобрат квалитетот на својот живот. Во моментов главните услуги кои ги нуди институтот се индивидуална и групна форма на психотерапија, како и едукација од гешталт терапија за идните професионалци кои не мора нужно да бидат психолози. Гешталт терапевти може да бидат и професионалци од другите сродни науки како педагодија, дефектологија, социјална работа и политика, етнологија итн. Имаме и други планови за иднината, би сакале да ја прошириме дејноста, но да не откриваме се пред време, нека остане изнендаување, бидејќи ние сме тим што сака да приредува изненадувања.

Еднакви.мк: Што всушност претставува Гешталт терапија?

Дора Попова Узуновски: Гешталт терапијата припаѓа на хуманистичкиот правец во психологијата и ја претставува третата сила којашто го застапува моделот на посматрање на проблемот во целокупното човеково живеење како и тешкотиите во односите и комуникацијата. Таа е егзистенцијалистичка/искуствена форма на психотерапија која ја нагласува личната одговорност и која се фокусира врз искуството на индивидуата во сегашниот момент, односот терапевт/ка-клиент/ка, еколошките и социјалните контексти на животот на една личност и автоматските себе-регулирачки прилагодувања на таа личност што се јавуваат како резултат на целокупниот контекст на кој му припаѓаат. За гешталтот има многу да се зборува, но она што е најбитно да се напомене е дека (барем според мене) е еден од најфункционалните правци на терапија бидејќи применува холистички пристап. Тоа значи дека човекот се зема во целина заедно со сите негови аспекти. Токму затоа гешталт терапијата повеќе ја нарекуваме само терапија, а не психотерапија. Бидејќи вистинското нејзиното значење е многу пошироко од самата психотерапија. Кога човек еднаш ќе влезе во гешталтот, тоа станува стил на живот.

Еднакви.мк: На KindHack2018, во огранизација на Symphony Solutions Skopje, се развиваше апликација за потребите на Вашиот Институт. За што точно станува збор?

doraДора Попова Узуновски: Идејата беше да се развие апликација преку која луѓе од одредени ранливи групи за кои не се зборува многу би се обратиле кај нас и би побарале бесплатна психолошка помош во одредени рамки. Опфативме седум категории на ранливи групи меѓу кои: самохрани родители, деца без родители, деца жртви на врсничко насилство, сексуални работници, лица со физички хендикеп, жртви на семејно насилство и воени ветерани. Учесници може да бидат сите професионалци кои имаат најмалку две години едукација од било кој психотераписки правец и се разбира да бидат подготвени хумано да ја понудат својата услуга. Секој терапевт би имал свој профил на апликацијата и потенцијалниот клиент би можел да го одбере својот терапевт. Ако успееме да бидеме барем 100 терапевти учесници и ако секој од нас би земал барем по еден клиент, веќе сме помогнале на 100 луѓе.

Еднакви.мк: Во Македонија повеќе се застапени мажи или жени терапевти?

Дора Попова Узуновски: Дефинитивно жени терапевти. Мажите ни се малцинство.

Еднакви.мк: Имајќи го во предвид Вашето долгогодишно искуство во психотерапија, што би им порачале на жените во нашето општество?

Дора Попова Узуновски: На жените би им порачала повеќе да ја почитуваат својата вродена природа таква каква што е, бидејќи во основа е многу моќна. Феминината природа е магија самата по себе. Далеку од тоа дека треба да им се замери на жените кои се поразлични или кои не се чувствуваат така, бидејќи на крајот на краиштата секој одбира како сака да се чувствува. Сепак, сметам дека нема потреба да се натпреваруваме со мажите, бидејќи ние сме различни едни од други. Кога велам различни не мислам на тоа дали некој пол е инфериорен, а друг супериорен. Едноставно сме различни и потребни едни на други во секоја сфера од општеството и во секој дел од животот. Еден од главните проблеми со кој се среќавам кога работам со жени клиентки е токму проблемот што голем дел од нив заборавиле дека се жени и својата феминина природа несвесно ја потиснале, ја омаловажиле или никогаш не ја прифатиле, само поради тоа што на длабоко несвесно ниво се чувствуваат помалку вредни како жени во споредба со мажите. Тоа ги доведува до таму да создадат контра сценарио и максимално да ги развијат маскулините карактеристики со епитет на силни и моќни жени. Сето тоа носи дисбаланс и внатрешен конфликт во личноста кој некогаш може да биде толку длабок и многу симболично да се манифестира преку разни психосоматски болести како што се на пример канцерот на дојка или канцерот на матката. Се разбира  за една болест да се развие се потребни многу фактори и генетски диспозиции, но во гешталт терапијата ние се занимаваме со целината, а во целината спаѓаат и несвесните психички конфликти кај една личност. Личноста е целина и за една целина да биде балансирана и функционална потребни се да бидат развиени и двата принципи кај секоја личност без разлика дали станува збор за маж или жена. Јас тоа го нарекувам дипломатија со самите себе или духовна грациозност кога буквално можеме свесно да си играме со енергијата и да одбереме во кој момент треба една жена треба да биде жена, а во кој момент треба да биде маж. Истото би го рекла и за мажите.

Be the first to comment on "Дора Попова Узуновски – Психолог и Гешталт советник"

Leave a comment

Your email address will not be published.

*