Парада на гордоста, Македонија 2019

Ирена Цветковиќ, доктор по родови студии и активистка за правата на маргинализираните заедници

Еднакви.мк : За прв пат во Македонија на 29ти Јуни оваа година се одржува  Парадата да гордоста. Која е целта на овој настан и колку време беше потребно една ваква иницијатива да стигне до реализација?

Ирена: Прадата на гордоста во длабоко хомофобични и конзервативни општества како нашето е пред се протест, политички бунт против културата на насилство, исклучување и дискриминација со која живеат ЛГБТИ луѓето. Целта е да ја потсетиме државата на правата на маргинализираните, да ги потсетиме институциите на системот на обврската на гаранција на човековите права на сите луѓе подеднакво, но и да го менуваме општеството во насока на поголема демократичност и еднаквост. Во регионот, Македонија и Босна и Херцеговина се единствените земји кои досега немале Парада на гордоста, но оваа година  и ние и БиХ ја организираме по првпат. На конкретната парада се работи повеќе од една година , но таа истовремено е производ и ефект од повеќе од една деценија видлив и храбар  активизам за правата на ЛГТБИ. Вреди да се спомене и Викендот на гордоста во Скопје, кој е еден од најдобрите квир фестивали во регионов , па и во Европа, а се одржува веќе 7 години по ред. Со други зборови, потребно е многу време , но уште повеќе сила , енергија и посветеност и мотив за реализација на кој било поголем настан за ЛГБТИ заедницата.

Еднакви.мк: Со кои предизвици се соочува вашата организација за еден ваков несомнено голем евент , кога имаме предвид дека за ова поднебје ваквите теми се сеуште табу ?  Кои се потешкотиите како и поддршката за Парадата на гордоста ?

Ирена: Целиов месец се соочуваме со сериозно насилен контекст, повици за насилство , закани, навреди, говор на омраза и други различни форми на малтретирање.Всушност, хомофобичното општество кое за жал добива поттик и ветар во грб пред се’ од верските заедници се најголемиот проблем за нас. За жал, ниту МПЦ ниту ИВЗ, како најголеми верски заедници не упатија апел до своите верници кои говорат со јазикот на омразата и насилството во име на својот Бог и не повикаа на почитување на клучните постулати на нивната религија: мирољубивост, воздружување од судење на другите и љубов и разбирање. На самата парада доаѓа поддршка од целиот регион, огромен број на хетеросексуалци не само што ја поддржаа парадата туку и активно се вклучија во организација на истата. Секојдневно луѓе, родители, баби и дедовци, млади, ни пишуваат пораки на поддршка.

Еднакви.мк: Кои се искуствата на другите земји во светот кога станува збор за  Парадите на гордоста кои се одржуваат кај нив?

Ирена: Искуствата на сите земји во регионот се слични, а тое е дека првиот чекор е најтежок , секој следен значи ослободување на дел од првичниот товар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *