Меѓународната организација на трудот изработи извештај кој ги проценува и ги анализира родовиот и мајчинскиот јаз во платите во Македонија. Извештајот се заснова врз методологијата што беше развиена во работниот документ на МОТ – Мајчинскиот јаз во платите: Преглед на прашањата, теоријата и меѓународните докази (The motherhood pay gap: A review of the issues, theory and international evidence (Grimshaw and Rubery, 2015). Мајчинскиот јаз во платите го мери јазот во платите меѓу мајките и жените што не се мајки. Тој го мери, исто така, јазот во платите меѓу мајките и татковците. Ова е различно од родовиот јаз во платите, што го мери јазот во платите меѓу сите жени и мажи во работната сила (Grimshaw и Rubery, 2015).
Резултатите за Република Македонија сугерираат дека жените добиваат плати што помали за околу 18-19% од платата на мажите. Изненадувачки, студијата открива дека мајките (дефинирани како жени на возраст од 25 до 45 години, со дете на возраст до 6 години) биле еднакво платени како жените што не се мајки (или мајките со деца постари од шест години) во 2011 година, и дека тие заработувале 6% повеќе од жените што немаат деца на возраст под шест години во 2014 година. Резултатите сугерираат, исто така, дека мајките се платени 7,8% помалку од татковците. Во периодот меѓу 2011 и 2014 година, родовиот јаз во платите се намалил само кај најниско платените работни места на жените и мажите, што упатува на тоа дека воведувањето на минималната плата можеби придонело кон намалување на родовиот јаз во платите.
Целиот извештај можете да го погледнете тука
Најнови коментари