Снежана Чекаловиќ Кузмановска, членка на групата со иницијатива за зголемување на времетрањето на породилното отсуство
Еднакви.мк: Вие сте иницијаторка на акцијата за зголемување на времетраењето на породилното отсуство. За што точно станува збор?
Снежана Чекаловиќ Кузмановска: Јас не сум иницијатор, јас сум само мајка која кога слушна за иницијативата се вложи себеси потполно за таа да продолжи да функционира и да се материјализира, во смисла составувањето за да можеме да се обратиме до ДИК, поднесувањето и слично. Инаку се работи за идеја/потреба/иницијатива да се зголеми периодот на породилното отсуство. 9 месеци се малку. Погрешно е да се мисли дека треба да бидеме експерти во таа област (стручни педагози,психолози,педијатри) за да воочиме дека нешто не е во ред. Така е со породилниот период, ние како мајки сме сведоци дека 9 месеци не ни овозмозуваат комплетно и потполно да се посветиме на нашите деца, Кога се мали тие имаат кревок имунолошки систем.Тоа се гледа по зачестените отсуства на мајките коишто штотуку пошле на работа. Понатаму се гледа по тивкиот протест на нашите дечиња кога ќе ги оставиме во градинка одбиваат да јадат, има проблеми со комуникација и сл. Најлошо е што решение во вакви случаи не е да имаме слух за нивните потреби туку да употребиме сила. Тој е периодот и сакал нејкел мораш да одиш во градинка. Едноставно катастрофа. Проблем голем претствавуват жените кои одат на патолошка бременост со самото тоа ним им се одзема периодот од 2,3 месеца со бебињата..Овој проблем е многу поширок отколку што навидум изгледа, конкретно ако погледнете дека заради новороденчето мајката поради немање услови често знае да ја остави работата да биде со своето бебе, тогаш каде е еднаквоста на жената наспрема мажот во оваа земја. Не може да биде. Да не продолжувам да пишувам ќе нема време и место што се опфаќа проблемов.
Еднакви.мк: Што Ве поттикна да почнете ваква иницијатива?
Снежана Чекаловиќ Кузмановска: Пред се јас станав мајка и како секоја мајка во вас се будат мајчинските инстинкти. Додека не сте мајка вам ви е сеедно дали периодот е 3, 9 или 20 месеци, вие едноставно не сте во тек со проблемот. Но кога станав мајка и кога заради 8 дена од ФЗОМ не добив право на минималниот паричен надоместок од 10000 денари сериозно се запрашав: во каков државен систем јас живеам кога истиот не ми обезбедува ама баш ништо за подигање на моето бебе. За да проблемот биде уште поголем моето бебе се роди со бронкопневмонија, па тоа ми одзеде месец дена од периодот да бидам со него. Седнав и видов немам надоместок, 8 месеци ќе летнат како ништо, мора нешто да се стори. Во тој период излезе идејата од други мајки со кои сме заедно дека е потребно да се продолжи периодот и така почна се
Еднакви.мк: Каде може да се даде потпис за поддршка на иницијативата?
Снежана Чекаловиќ Кузмановска: Потписите се собираат во општините на територија на град Скопје: Кисела Вода, Центар, Чаир, Гази Баба и Ѓорче Петров. ПОтребните сто потписи се собрани, но оние кои сакаат да го дадат својот потпис тоа сеуште можат да го сторат до 19ти Октомври.
Еднакви.мк: Што следува откако ќе се соберат потписите?
Снежана Чекаловиќ Кузмановска: Откако ќе се соберат потписите обрасците заедно со иницијативата се поднесува во Собранието на Р.Македонија, спикерот ја предложува на дневен ред и за неа се разговара. Ако имаат слух политичарите, ако навистина сакаат да направат коренита суштинска промена во општествово тогаш би требало да ни овозможат период за изјаснување на граѓаните во форма на референдум и да се изврши промена во периодот на породилното отсуство. Ако не ние ќе продолжиме и понатаму затоа што реално немањето на средства се само изговори, Не гледаат приоритет во ова затоа ќе се оправдуваат со економскиот аспект.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени?
Снежана Чекаловиќ Кузмановска: Што би им препорачала на младите жени….да се борат за своите бебиња за своите деца. Ќе речев да ни се придружат ама од друга страна ние не го смисливме недостатокот на време, на 9те месеци тоа ќе го почувствува секоја млада мајка кога ќе дојде ред да го роди своето бебе. Да не се плашат од политиката од системот, Најоправдан страв е да не го повредат своето бебе и да оставајќи толку рано од себе не му создадат траума која ќе ја помнат цел живот. Да од ова треба да се плашат. Тоа е тоа.
Најнови коментари