Вести

Јавна расправа за породилното отсуство

Денес, во Собранието на Република Македонија, а во организација на Собраниските Комисии за труд и социјална политика и еднакви можности за мажите и жените се одржува јавна расправа  за Предлог на Закон за изменување на Законот за работните односи. На јавната расправа присуствуваат претставници на здруженија на граѓани, институции и организации на работодавачи.

20170627_121957Воведни излагања имаа Претседателката на Комисијата за еднакви можности за мажите и жените, Даниела Рангелова; Заменик Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика, Весна Пемова и Заменик Министерот на Министерството за труд и социјала, Елми Азири.

Дел од дилемите кои беа покренати беше дали вакво решение ќе предизвика неможност на жените повторно да се вклучат на пазарот на трудот после породилното отсуство, колку и на кој начин треба да се вклучат и двајцата родители во користењето на породилното отсуство, на кој начин може да се обезбеди баланс меѓу професионалниот и приватниот живот на жените.

Според Валентина Дисоска, Претседателка на Здружението на бизнис жени зголемувањето на породилното отсуство може да има импликации и да го уназади процесот на активно вклучување на жените на пазарот на трудот, ќе го зголеми постоечкиот дисбаланс во однос на вработени мажи и жени и родовиот јаз во платите, ќе ја намали амбицијата на жената кариерно да напредува и економски да јакне, како и ќе придонесе за сиромашно детство.

Според Елизабета Божиновска од НВО ХЕРА проблем беше и отсуството на процес кој ќе обезбеди вклученост на сите релевантни чинители, поради што смета дека предлог законот треба да се отфрли и да се започне процес за спроведување сеопфатна ситуациона и компаративна анализа за да се мапамира состојбата и да се понудат различни модели кои би се дискутирале и би се изнашол сеопфатен модел кој е соодветен за нас.20170627_125248

Според Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ не е доволно само измена на периодот на траење на родителското отсуство, туку треба да се најде начин двата родитела да може да го користат ова право, односно да можат и мажите да бидат носители на родителско отсуство, а не само замена во случај кога мајката не го користи.

Според Ангел Димитров, Претседател на Организација на работодавачи потребна е измена на Законот за работни односи, која ќе опфати повеќе делови од истиот и притоа ќе ги има во предвид и проблемите со кои се соочуваат работодавачите.

Според Марија Савовска од Акција Здруженска треба да се направи сеопфатна анализа пред носење на измени на законот и притоа да се одвојат биолошките од социолошките термини, односно бременост, раѓање и доење да не се поистоветуваат со родителство.