Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Лидија Зорба.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Лидија Зорба: Ух, ова е клучно прашање. Мислам дека тоа беше моментот кога одлучив да ги оставам студиите и се друго што во тоа време беше најактуелно кај моите врснички и да се посветам на тренирање боди-билдинг. Во тие неколку години од мојот живот го правев тоа што најмногу го сакав – вежбав, јадев, спиев, трчав по кеј и се дружев со спортисти. Тоа беше одличен начин да се запознаам себе си на друго ниво и да почувствувам каков е животот на луѓето кои тренираат на дневна основа, јако и со многу ентузијазам. Накусо – постигнав вистински контакт со себе си и го трасирав патот на доживотно вежбање.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?
Лидија Зорба: Од моето животно и професионално искуство, мислам дека она што најмногу им е потребно на жените во Македонија е опуштање. Можеби звучи необично, но во последно време се повеќе жени живеат во постојан грч стремејќи се кон постигнување на општествено наметнати цели и идеали поврзани со кариера, пари, совршени бракови и сл. На крајот, многу од нив откако ќе ги истуркаат сите планирани достигнувања, се наоѓаат преморени, без доволно сатисфакција и со чувство дека пропуштиле многу забава и рекреација. А тоа е исто толку потребно, добро и корисно за да се има чувство на актуелно живеење.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Лидија Зорба: Секој ден ме прашуваат : Што да правам? Како да постапам? Што ќе биде со мене? Мислам дека најдобриот совет што им го давам на луѓето е да се запрашаат – што сакам за себе? Кога ова прашање им го поставувам на некои луѓе кои доаѓаат да бараат совети, честопати стануваат многу збунети, некогаш дури и исплашени. Велат: Што? Како тоа мислите – што сакам за себе?! Велат дека тоа прашање никогаш не си го поставиле и никој не ги прашал што сакаат за себе. Свесноста за вистинските желби и потреби е силен катализатор на енергија и ентузијазам за правење значаен исчекор во животот.
Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Лидија Зорба: Не ми е најјасно што подразбирате под – одлучувачи. Никој не би требало да одлучува за жените во името на жените. Јас околу себе гледам многу амбициозни и уморни жени, но исто така гледам и жени кои не знаат да прават со своите животи затоа што се економски зависни и не можат сами да носат одлуки за своите животи. Потребно е многу да се работи за да се подобри економската состојба и образованието, а со тоа и можностите на жените да одлучуваат за себе.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Лидија Зорба: Неисгурноста и неизвесноста одамна станаа стил на живот во Македонија. И мажите и жените се несигурни, дури би рекла, дека чувството на несигурност е поприсутно кај мажите затоа што постепено ја губат традиционалната улога во семејството, а новата не ја знаат. Жените стануваат се посигурни и поборбени во животот и учат една од друга. Чувството на сигурност е моментално. Секој ден е изненадување и секој ден минува. Човек станува посигурен и поопуштен, тогаш кога го прифаќа фактот дека ништо не е сигурно.
Најнови коментари