Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Снежана Орловиќ Стојановиќ.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате за пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Снежана Орловиќ Стојановиќ: Уште како тинејџерка, набљудувајќи го животот и живејќи го со полни едра, се прашував за многу работи зошто така се случуваат. Зошто жената е предодредена да ги извршува домашните работи и многу ми пречеше она „Тато носи-мама меси“!!! Се бунев дека и жената може да носи, а мажот да меси. Но, некако како да не бев сфатена. Еден ден седнав со татко ми, разговаравме за многу работи кои ми беа нејасни, и на крај, го прашав отворено: Зошто, затоа што сум женско, морам да одам во ресторан со другар, а сакам да бидам сама и да пијам сокче. Неговиот одговор беше: Никој не ти брани. Ти си своја и биди своја. Од тебе и од твоето однесување кон луѓето и околината зависи како ќе те прифатат луѓето. Почитувај го секого и учи од подобриот. Отфрли го она што ти пречи, а прифати го она што знаеш дека позитивно ќе смени многу работи во општеството. Тоа е тоа. Поддршката што ја добив и што сè уште ја имам од најблиските.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?
Снежана Орловиќ Стојановиќ: Според мене на жените во Македонија најпотребна им е гласност и видливост. Не може во една демократска држава, која се стреми кон ЕУ и НАТО да се кршат човековите права, од кои се дел и правата на жените. Напростливо е местото на жената да се врати еден век назад и да се гледа само како „производ за раѓање и работа по дома“. Непростливо е за оние што една деценија наназад систематски го правеа тоа, но непростливо е и за оние кои молчешкум го дозволија тоа. Жената треба да има слобода во размислувањето и реализирање на своите гледишта, идеи и визии.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Снежана Орловиќ Стојановиќ: Биди своја и подготвена на крв и солзи, но уште повеќе на восхит кога ќе успееш да се справиш со стеротипите, кои, за жал, се вратија на голема врата. Не очекувај дека некој друг ќе се избори за тебе – избори се сама.
Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Снежана Орловиќ Стојановиќ: Да им дозволат на жените да бидат во одлучувачките структури рамо до рамо со нив и да не се плашат од умни, силни и реализирани жени. Да го надминат своето его и да ги „проголтаат“ своите стереотипи за доброто на сите.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сè уште несигурни во себе?
Снежана Орловиќ Стојановиќ: На младите жени би им препорачала да чекорат стабилно низ патеката на животот и да набљудуваат со ширум отворени очи. Да го впиваат животот и да го менуваат општеството да биде сигурно и убаво место за живеење. Од младите може многу да се научи. Тие се авангарда на сè што е ново и непознато. А, сигурноста се стекнува со економска стабилност, образование, посетување на разновидни обуки и пренесување на знаењето стекнато на истите. Младите жени треба да знаат дека никој нема „на тацна“ да им даде функција, тоа треба да се одработи и заслужи. Кога ќе се спои младоста и искуството се добиваат одлични резултати.
Најнови коментари