Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Мерал Мусли Тајроска.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Мерал Мусли Тајроска: Моментот кога се роди син ми Абдул Малик, знаев дека е време да направам нешто повеќе за него и за мене. Тој ден ми се смени животот, фокусот го насочив кон тоа да работам на себе секој ден за да станам подобра верзија од себеси.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?
Мерал Мусли Тајроска: На жените во Република Македонија им е потребна психо – физичка поддршка, како од нивните најблиски така и од државните институции. Кога велам психо – физичка поддршка, мислам на луѓето околу нив да им даваат морална поддршка и да им помагаат околу обврските во секојдневието.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Мерал Мусли Тајроска: Истиот совет си го давам секој ден на себеси и на тие околу мене, а тоа е „Имај самодоверба и ќе биде“, убавината на животот е во лекциите кои ги учиме после грешките, или пак среќата која ја чувствуваме откако ќе успееме во нешто.
Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Мерал Мусли Тајроска: Жените се многу флексибилни суштества, што значи дека можеме да извршуваме повеќе од една задача на ден, само треба да ни се укаже шанса.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Мерал Мусли Тајроска: Би им кажала дека сега е времето да се докажат во повеќе сфери од животот, нема потреба да се плашат од иднината, доволно е цврсто да веруваат во своите идеи и да се стремат кон нивната цел. Истовремено е многу важно да се грижат за себе, во смисла да не очекуваат од другите да бидат уважени, туку самите себе да се уважуваат и едноставно да се бодрат, да си признаат дека се интелигентни и снаодливи и никој не ќе може да ги запре.
Најнови коментари