Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Александра Николовска.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Александра Николовска: Живеев живот како едноставна жена, мајка, сопруга во сенка на својот сопруг. Мирен живот. Одеднаш се се менува, бракот се распаѓа, останав сама со две деца. Тој момент кога останав сама со моите две малолетни деца го сметам за своја пресвртница. Требаше да бидам мајка и татко во исто време. Требаше да бидам и домаќинка и глава на куќа, апсолутно се беше моја одговорност. Требаше да работам за двајца да остварам приход за нормален живот. УСПЕВАВ!!! 10 години стојам цврсто на нозе, децава од малолетни станаа полнолетни. Горда сум на нив.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?
Александра Николовска: Поголема еманципација, глас, видливост. Зашто жената да биде дома и само домаќинка? Жени излезете од поставените оквири, сакајте се повеќе самите себе и правете она што највеќе го сакате.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Александра Николовска: Жени! Живејте за себе со постојана самодоверба, градете ја самодовербата, градете ја сопствената личност врз она што можете да бидете, и ке се чувствувате поудобно во сопствената кожа, блескајќи од среќа.
Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Александра Николовска: Да им дозволат на жените да имаат повеќе глас. Жени излезете од стереотипите, бидете на функција. Мажи прифатете дека и жените можат да бидат водачи.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои сè уште се несигурни во себе?
Александра Николовска: Жени чекорете сигурно во животот, работете го она што го сакате, верувајте во себе. Учете од успешните и станете поуспешни.
Најнови коментари