Мој став

Секојдневни Хероини – Јована Тренчевска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Јована Тренчевска.

 

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Јована Тренчевска: Моментот кога прв пат се соочив со дискриминација само затоа што сум жена, и тоа млада жена. Значи покрај полот и возраста беше мојот “грев“. Бев млада, полна со енергија и ентузијазам да направам одредени промени во општеството. Произлегувам од семејство во кое немало поделби на женски и машки работи, на еднакви и поеднакви, во семејство кое ме воспитуваше да бидам праведна и храбра, да бидам своја. Во тоа време бев активистка во граѓанскиот сектор, во организација која се бореше за унапредување на положбата на жената во општеството. Тоа беше кон крајот на минатиот век (звучи како once upon a time,  а всушност е од пред 20 години), кога започнуваше женскиот активизам. Токму оваа случка ми даде уште поголем поттик и мотив погласно и многу похрабро да се спротивставам на стереотипите во општеството дека на жените местото им е во домот, дека нивна најважна обврска е одговорноста и грижата за децата и семејството, дека треба да се образуваат но не треба да градат кариера, дека се емотивни а тоа им пречи во носење на мудри одлуки. Во тој период од животот сфатив дека покрај граѓанскиот активизам сакам и професионално да се насочам кон родовата еднаквост. Така и бидна.

 

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Јована Тренчевска: Многу нешта беа направени, но и уназадени изминатите години. Одевме чекор напред три назад, се поддржуваа традиционални вредности и модели кои негативно се одразија на положбата на жената во општеството. Економска независност и пристап до подобри работни места, поддршка на жените од руралните средини кои патем како да се подзаборавени, живот без насилство и нулта толеранција на насилството врз жените, повеќе жени вклучени во процесите на креирање политики и носење одлуки, на сите нивоа, се дел од нештата кои им се потребни на жените за да можеме да зборуваме за праведно општество кон сите.

 

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Јована Тренчевска: На светот не му треба едноличност туку шаренило. Биди свој и биди гласен за она што го мислиш, а упорен во она што го посакуваш.

Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Јована Тренчевска: Системски да се отпочне да се работи на унапредувањето на еднаквоста на trencevskaжените и мажите. Доста беа импровизации. Потребни се мерки и активности кои ќе бидат одржливи и ќе покажат вистински резултати. Мерки кои ќе бидат креирани согласно потребите на различните категории  на жени. Не сите жени имат исти потреби, интереси  и приоритети. И неопходно е вклучување на целото општество во унапредување на  родовата еднаквост, а не да се третира како женско прашање и прашање на кое само жените треба да бидат посветени.

 

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои сè уште се несигурни во себе?

Јована Тренчевска: Да чекорат храбро и да се поддржуваат една со друга. Несигурноста се надминува со знаењето и искуството кое го носат годините и животот. Да не се откажуваат и да им пркосат на сите животни препреки и искушенија. Само храбрите и оние кои не се откажуваат успеваат. Низ животот дозволете да ве водат вистинските вредности.