Вести

Формиран Национален Совет за женско претприемништво

     На 11-ти мај 2018 (петок), во просториите на Фондација за менаџмент и индустриско истражување, се одржа првиот состанок на Национален совет за женско претприемништво. Националниот совет за женско претприемништво (НСЖП) е прв и единствен совет за женско претприемништво кој делува на национално ниво, формиран преку проектот „Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика“ – WE1 (1) Contribute финансиран од Европската Унија. Проектот е имплементиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување во партнерство со Здружението на бизнис жени и ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска.

     НСЖП е доброволно, неформално обединување на активни актери од граѓанскиот сектор, креатори на политики и релевантни институции кои дејствуваат во областите на женско претприемништво.

     Советот има за цел да обезбеди неопходна основа за влијание врз севкупниот развој на женското претприемништво во земјата, вклучувајќи ги и процесите на ЕУ интеграција преку воведување на ефикасен механизам за консултации, застапување и влијание.

     НСЖП се планира да биде задолжен за идентификување и препорачување на решенија за прашања од клучно значење за развојот на женското претприемништво во земјата, да создаде синергија на квалитет и влијание на силно застапување на интересите на жените претприемачи пред засегнатите страни на законодавната и извршната власт. Исто така, Советот има за цел да промовира примери на добри практики, да обезбеди подобра координација на активностите поврзани со прашањата за женско претприемништво, да мониторира документи и легислатива за 6женското претприемништво, да споделува и изготвува едукативни програми и канали на информирање на битни настани во областа на женското претприемништво и да овозможи мрежно поврзување на жените претприемачи на национално и меѓународно ниво.

     На состанокот присуствуваа претставници од граѓански организации и коморски организации кои ги разгледаа и усвоија  документите потребни за работа на овој Совет. Беа избрани и раководните органи на Советот.