Вести

ПОВИК за пријавување на жени за учество во Менторска програма за жени во јавниот сектор

Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, спроведуваат проектна активност за поттикнување на професионалниот развој и лидерство на жените во јавниот сектор, во вид на Менторска програма, наменета за жени во редовен работен однос во државните институции во земјата. Менторската програма има за цел да ги зголеми можностите за личен и професионален развој на жените вработени во јавниот сектор преку создавање на концепт на меѓусебна поддршка и јакнење, споделување на знаења и искуства, како и јакнење на солидарноста и вмрежување помеѓу жените. 

Менторската програма ќе започне со селекција на вкупно четириесет менторки и менторирани жени (дваесет менторки и дваесет менторирани жени) кои потоа ќе следат обуки за нивна подготовка да ја вршат улогата на менторки, односно менторирани. По една тридневна обука ќе биде организирана посебно за менторките и менторираните жени, кои ќе вклучуваат и модул за родова еднаквост на работното место, а потоа ќе следи еднодневна работилница за формирање на парови од по една менторка и една менторирана жена и градење на односот менторка-менторирана. Сите обуки ќе се спроведуваат во Скопје, во периодот јули-септември 2019 година. По завршување на еднодневната обука, во втората половина на 2019 година, ќе започне менторскиот циклус, во времетраење од девет месеци. 

Програмата се базира исклучиво на концептот на доброволен ангажман и личен ентузијазам на менторките и менторираните, а нивната посветеност и подготвеност се клучен фактор за успех на менторскиот однос, како и на програмата. Никаков паричен надомест за ангажманот на менторките и менторираните не е предвиден во рамките на овој проект. За таа цел се повикуваат сите заинтересирани жени, вработени во институциите наведени подолу во листата, со работно искуство не подолго од 5 години, кои имаат амбиција за професионален развој и за што би сакале да добијат поддршка и совети од поискусни колешкименторки избрани во рамките на оваа програма, да се пријават на овој повик. 

Менторската програма е отворена за жени вработени во следниве институции: 

1. Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство 

2. Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги 

3. Министерство за економија 

4. Министерство за надворешни работи 

5. Министерство за информатичко општество и администрација 

6. Генерален секретаријат 

7. Министерство за здравство 

8. Министерство за правда 

9. Министерство за финансии 

10. Министерство за одбрана 

11. Министерство за образование и наука 

12. Министерство за труд и социјална политика  

13. Министерство за локална самоуправа 

14. Агенција за млади и спорт 

15. Министерство за култура 

16. Министерство за транспорт и врски 

17. Секретаријат за европски прашања 

18. Собрание на РСМ 

19. Државен завод за статистика 

Рокот за доставување на пријави е до 30 јуни 2019 година. Селекцијата на кандидатки ќе се врши од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за труд и социјална политика. Успешните кандидатки треба да ги задоволуваат следниве критериуми: 

– Да имаат работен стаж не подолг од 5 години 

– Да се во редовен работен однос во институцијата која е вклучена во оваа програма 

– Да се мотивирани активно да се вклучат во активностите на програмата Потребни документи: Заинтересираните кандидатки треба да ги достават следниве документи (во електронски формат): 

– Пополнет Формулар за апликација 

– Работна биографија (CV)

 Целокупната документација за пријавување е потребно да се достави на следнава е-адреса: deniza.bundalevska@osce.org. Повеќе информации можете да најдете на следниот линк