Интервјуа

Милена Цветановска Интернационалниот уличен уметнички фестивал за баскери и живи статуи Статуафест и Баскеркараван

Еднакви.Мк: Годинава, по втор пат се одржува овој несекојдневен настан во Скопје – Интернационалниот уличен уметнички фестивал за баскери и живи статуи Статуафест и Баскеркараван ,кој ќе им донесе неверојатни доживувања на посетителите ! Како се роди идеата за ваков тип на евент и колку енергија требаше за да се донесе ова кај нас?

Милена: Години и години патувања, настапи на најреномирани улични уметнички фестивали и едно враќање од фестивал во Црна Гора пред три години беа потребни за да се создаде нашиот фестивал. Речиси 10 години Театроск, нашетo здружение на граѓани, патува низ светот и настапува на фестивали за живи статуи и баскери. Откако собравме доволно искуство, зрелост и знаење во оваа несекојдневна професија, решивме да пробаме и во Скопје да направиме уличен уметнички фестивал. Идејата се роди на патување кон Скопје од фестивал во Црна Гора. Војо Цветановски, креаторот на фестивалот, ме праша дали сметам дека е во ред конечно и ние да го преточиме во фестивал се она што сме го сретнале во светот и да им го пoдариме на нашите граѓани. Секако, се согласив, а веднаш по пристигнувањето во Скопје, започнавме со подготовки, планови и аплицирање. Еве го сега, фестивалот постои и е радост за сите нас. Нашата цел е да го претвориме во уметничка традиција, да се случува секоја година и Скопје да го ставиме на светксата културна мапа на вакви настани.

Еднакви.Мк: Годинава е најавено проширено издание на фестивалот, може на кратко да не информирате што се, каде и кога ќе можеме да видиме и искусиме на настанот?

Милена: Оваа година освен живи статуи имаме и баскери, улични изведувачи со свои различни перформанси. Артисти доаѓаат од Украина, Србија, Венецуела, Шпанија, Германија… Но и нашите професионални артисти од Македонија. За музичкиот дел се ангажирани Онија Блузерите, DJ Бугимен и Тони Зен. Фестивалот започнува од 20 јуни со почеток во 18 : 30 часот. Завршува на 22 јуни во 23 часот. Перформансите ќе се случуваат на улица Македонија од Плоштад кон улицата што води накај Мајка Тереза.

Еднакви.Мк: Ваш перформанс е добитник е и на прво место на фестивалот Зигет. Тоа е навистина неверојастен успех, може да ни кажете нешто повеќе за ова искуство и како вие како филолог се пронајдовте и во оваа професија?

Милена: На Зигет освоивме прво место од публика, а настапуввме со актот Контрабас. Да напоменам дека Зигет брои во просек по 50000 посетители и е еден од најголемите европски фестивали. Откако не прогласија за победници, искрено бевме во неверување, и пријатно изненадени во исто време. За нас ова е огромен успех и гордост, но и гордост за нашата земја, воопшто. Оваа година на Зигет сме поканети како гости, кадешто ќе бидеме судии и овој пат Театроск ќе ги оценува артистите кои ќе настапуваат на овој фестивал и секако ќе ја врачи наградата на најдобриот.
Она што дополнително не раадува е тоа што оваа година на Интернационалниот уличен уметнички фестивал во Црна Гора ИНАРТ, Театроск ќе биде прогласен за амбасадор на фестивалот.

Знам, чудно е како јас како преведувач и наставник по англиски јазик ја работам оваа професија. Сосема случајно го сретнав Војо Цветановски кој беше мој ментор и ме воведе во волшебниот свет на уметничката тишина, жива статуа и пантомима. Од тогаш, па се до денес со задоволство го работам ова и не планирам никогаш да престанам. Оваа професија ми донесе лично задоволство, напредок, осознавање на светот, можност за креација, запознавање на многу пријатели и различни култури.

Се гледаме на улица!
Ве сака, Театроск!