Интервјуа

Ивона Василеска- првенец на генерацијата на Факултетот за природни науки на Државниот универзитет дружби на народите, Москва

Еднакви.мк: Твоето образование во Македонија ти вроди љубов кон физиката.  Kакво беше искуството кај нас и како се одлучи да отидеш во Русија, зошто баш таму и како го постигна твојот огромен успех како првенец на генерацијата на Факултетот за природни науки на Државниот универзитет дружби на народите, Москва?

Ивона: Благодарение на регионалните и републичките натпревари по физика, како и во основно, така и во средно, кои  ми пружија големо искуство и знаење, а со тоа и желба да студирам некаде каде што физиката е на високо ниво. Гледајќи дека збирките задачи по физика беа преведени од руски, имав една претстава дека во Русија физиката не е онаква како кај нас, но и целокупното високо образование. Се решив да аплицирам за стипендија и ја добив, па така се започна. Првата година учев руски јазик како и физика, математика, информатика и историја на Русија, а веќе втората се запишав на факултет. Амбицијата и љубовта кон физиката беа главните причини зошто никогаш не се откажував и секогаш сакав да покажам и докажам дека можам. Во трета година избрав да се занимавам со плазмена физика и почнав да работам во лабораторијата по плазмена физика при Факултетот за природни науки, почнав да пишувам научни трудови и да истражувам, и заклучив дека тоа е она вистинското што сакам да го работам и учам, па затоа продолжив на магистерски студии. Кога ги завршив, не застанав тука и сакав уште подлабоко да навлезам во науката, затоа и се запишав на докторски студии.

Еднакви.мк: Моментално си на докторски студии во Словенија каде што поле на истражување ти е нуклеарно инженерство, а воедно работиш и за ИТЕР, светска организација посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија. Можеш да ни кажеш нешто повеќе за оваа област и како ти се пронајде во неа?

Ивона: Плазмената физика како еден меѓу поновите области во науката сеуште не е целосно истражена, па затоа и се пронајдов во неа. Плазмата како четврта агрегатна состојба (јонизирачки гас) може комплетно да биде полезна за човештвото, а доказ за тоа е фузискиот реактор (токамак) кои што се гради во Франција. ИТЕР е програма, каде што користејќи ја енергијата на плазмата која што ќе се генерира во токамакот и е приближна на енергијата од Сонцето, ќе се користи за електрична енергија. Затоа и главното мото на ИТЕР е “Нека Сонцето биде и на Земјата”. Но плазмата може да се користи како и во медицината, така и во индустријата. Во Русија се занимавав со експериментална плазмена физика, а сега се занимавам со компјутерска симулација на плазмата која што ќе се генерира во токамакот. Мојата задача се состои во тоа што, да ги определам кој се граничните услови кои се потребни за генерирање на плазмата со цел да не се уништат ѕидовите на токамакот.

Еднакви.мк: Кои се твоите идни планови?

Ивона: Моите идни планови после завршување на мојот докторат се или продолжување со пост-докторат или пак би работела на други проекти со ИТЕР. Дали би останала Словенија сеуште не знам, затоа што по природа сум човек кој не останува на едно место.

Еднакви.мк: Каква е Ивона во секојдневниот живот и што сака да прави во слободното време?   

Ивона: Во работните денови како асистент на факултет и истражувач, некогаш останувам подолго време на работа но никогаш не оставам работа за дома. Тоа уште од моите студентски денови го практикувам, дека времето дома е за одмор. После работа сакам да се релаксирам, да прошетам или пак да изгледам некој добар филм. За викендите зимно време скијам, а на лето одам на море. По природа не можам да останам на едно место и сакам промени па затоа викендите секогаш ги користам за да отпатувам некаде.