“Ми се допаѓа снаодливоста со која работат нашите студенти и сметам дека има убава иднина пред сите такви луѓе”.
Еднакви.мк: Франка, ти дипломира на Машинскиот Факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Твојата дипломска работа е навистина интересна и привлече доста внимание во јавноста. Таканаречените „паметни влошки“ кои енергијата од пешачењето ја претвораат во струја се иновација досега неостварена во нашата земја. Како дојде до ваква идеја и како работи оваа влошка?
Франка: Идејата ја добив од сличен изум кој го најдов на интернет и кој веднаш ми привлече многу вниманиe. Меѓутоа пред се’ , барав такво нешто бидејќи ми се допаѓа тематиката на nergy harvesting или собирање на енергија, што се добива прреку претворање на енергија од еден вид во друг. Така,преку пешачењето,се троши механичка енергија при нагазување со стапалата, и таа енергија се претвора во електрична. Како таква нас ни е многу корисна. Во влошката всушност се сместени т.н пиезоелектрични претворувачи кои имаат особина кога се деформираат да генерираат струја. На тој начин, при нивно нагазување се добива струја која се зачувува во батерија за нејзино понатамошно трошење во било кое време.
Еднакви.мк: Кои се твои идни планови после завршувањето на твоето образование?
Франка: Сега за сега немам некој план, но би сакала секако да се дообразовам во оваа област или би барала пракси со цел вработување во автомобилска индустрија или индустрија за производство на делови за возила, бидејќи тоа ми се допаѓа.
Еднакви.мк: Како иноваторка, што мислиш за денешната генерација на иноватори во Македонија и што би им препорачала на помладите генерациите ?
Франка: Не би се нарекла иноваторка, туку повеќе подобрувач на веќе постоечките производи со комбинација на многу елементи. Но сметам дека во Македонија има многу студенти кои работат и имаат силна желба за да направат нешто Со оглед на цените на чинење на елементите потребни за градење некоја единица кај нас, би рекла дека многу ефикасно и економично може да се створи нешто. Ми се допаѓа снаодливоста со која работат сите студенти и сметам дека има убава иднина пред сите такви луѓе. Би им рекла на сите да го прават тоа што им е интересно и тоа што ги возбудува, така ќе стигнат до нивоа кои што никогаш не би помислите дека би стигнале. И да не се потценуваат себеси, главно поради месото каде се наоѓаат, баш напротив, поседуваме квалитети кои другите ги немаат. Со тие особини можеме многу предност да стекнеме пред другите. Така што, само да гледаат напред и да не се разочаруваат при малите незначајни падови, тоа може секогаш да го надминат.
Најнови коментари