Општо

Животот на една ЖЕНА

 

Тој беше најубав меѓу другарите. Знаеше да свири на гитара и секогаш имаше девојки покрај себе. Потпивнуваше алкохол, но што дека, сите пиеа. Ја избра најубавата девојка. На првиот пораѓај не стигна, беше со другарите, пијан, не се ни појави на болница. Жената се пораѓаше 9 саати. Цела ноќ. Донесе здраво девојче на свет. Пијанствата продолжуваа. После 3 години роди и второ дете. Машко. Него пак го немаше. Сама се грижеше за двете деца. Додека го доеше машкото, го држеше во раце девојчето. Ја силуваше често. Ја тераше да оди на абортуси. 3 пати. Живееја со неговите. Свекорот, една вечер, додека тој се пијанеше некаде, дојде во брачниот кревет кај неа. Неговите пијанства продолжуваа и беа сѐ почести и почести. Работното време му беше до 21ч навечер. Таа се молеше во себе да дојди трезен и да не ги малтретира неа и децата. Но стануваше се полошо и полошо. Ја нарекуваше со секакви погрдни зборови, навреди, смеејќи се. Таа се обиде на неколку пати да си оди кај нејзините, но тој ќе дојдеше, ќе почнеше да ја моли и таа ќе се вратеше.  Почна да носи други жени дома. Пред децата. Снимаше порно филмови на касети на кои што децата гледаа детски цртани и серии. Таа ниту еднаш не отиде на годишнина од матура со генерацијата, забрането ѝ беше. Никогаш не отиде на 8ми март со колешките и тоа ѝ беше забрането. За една Нова година сакаше да си купи салонки, оддели пари, тој ѝ ги искина парите пред неа. Таа немаше каде да оди, остануваше таму, со надеж дека сѐ ќе се среди, дека ќе престане да пие.

Еднаш се обиде да ја задави со раце пред очите на децата, тие почнаа да пискаат…се тргна.

По неколку месеци тргна со нож да ја убие, пред очите на децата. Таа собра храброст да замине засекогаш од таму. Немаше кој да ја поддржи, но замина. Во тоа време кога беше срамота да си разведен, таа се разведе. Според судската постапка неа ѝ следуваше дел од спратот каде таа вложуваше пари да се изгради. Неговите сестри и свекрвата застанаа на вратата од куќата, недозволувајќи ѝ да земе ништо. Ниту ѕидниот портокалов часовник од 250 денари. Таа се разболе и после опоравувањето реши да не продолжи со судски постапки за да го зачува здравјето. Тој наредните години никогаш не плати ни денар алиментација за децата. Побегна на друг континент. Му помогнаа сестрите, за да не ги срами тука. Таму не го стигаше законот за алиментација. Таа ги издржуваше децата како знаеше и умееше. Сите другарчиња имаа нови обувки и гардероба секоја есен во септември за на школо, а нејзините одеа со исти чизмички и јакни по 3 зими. Реши да го гони иако немаше како. Кажа дека ќе напише писмо до судот во државата каде што беше тој и дека ако не плати алиментација ќе го прогонат од таму. За две недели исплати сѐ од страв. Таа им купи облека на децата, ги покри долговите и продолжи да живее и да се бори во животот.

Пред неколку години оваа жена почина. Од премногу страдања нејзиниот организам неможеше да ги издржи годините кои и не беа толку многу на број. Замина без никогаш да дознае што значи да бидеш сакана и почитувана жена, но замина со гордост во себе.

Не трпете насилство, ниту вербално ниту физичко. Колку и да е тешко заминете на време и верувајте во себе дека имате сила и ќе се изборите со сѐ сами. Вие, жени, имате право на убав живот. И дајте си го тоа на себе затоа што тоа го заслужувате.

Пријавете насилство на бесплатната СОС мобилна линија: 070/ 141 700, 075 141 700 и  077 141 700  24 часа 7 денови 365 денови во годината во Националниот совет за родова рамноправност (НСРР) и на 02 3117 866 ЕСЕ – Центар за правна помош Скопје.