Марија Ралева – магистер по фармација, која факултетот го завршува со успех и работи долго време на својата струка. Дополнително завршува и специјализација по здравствен менаџмент и фармакоекономија и своите знаења несебично ги пренесува на сите оние кои ќе побараат помош од неа. Пред точно 10 години се одлучува да започне сопствен бизнис и сега е сопственичка на ПЗУ АПТЕКА ЛАЈФ СКОПЈЕ. Опишана од нејзините клиенти како претприемчива, секогаш позитивна и насмеана, подготвена да помогне и да излезе во пресрет во секоја ситуација. Или како што се изразија „Вреди да пропешачиш повеќе за да си го подигнеш лекот во аптека Лајф“.
Еднакви.мк: Деновиве се навршија 10 години од постоење на Аптека Лајф. Може ли да ни кажете што беше пресудно да се одлучите да започнете сопствен бизнис?
Марија Ралева: Љубовта кон фармацијата ја наследив од мојата мајка, амбициозно се едуцирав и секојдневно учев од поискусните. Моето работно искуство е веќе полни 20 години низ лавиринтите на фармацевтската фела. Првите работни чекори ги започнав во еден поинаков систем на аптеки каде фармацијата беше столб во здравствениот систем, ценета и вреднувана, но полека тој систем со тек на времето се затвори и сё тргна кон мое осамостојување односно започнување на сопствен бизнис. Полека, но сигурно се борев со сите предизвици кои ми ги носеше работата, но секојпат со една цел : Дека вистинските вредности и стремежи на патот кон успехот еден ден ќе стигнат и луѓето ќе знаат да ги препознаат и вреднуваат ! И навистина тоа и се случи …Никојпат не се откажав !
Еднакви.мк: Како изгледаа почетоците? Дали се одеше онака како што сте замислиле?
Марија Ралева: Почетоците не беа многу тешки, со оглед на моето претходно работно искуство. Но, јас сум личност која никојпат ништо не остава на случајност, па затоа максимално се посветив на работата. Чесно и достоинствено учев и запознавав најразлични темпераменти и карактери, ги вложив сите мои ресурси кон едукација и грижа за здравјето на клиентите, долги часови поминати во аптеката, безброј корисни советувања, максимална посветеност и тимска работа, трудољубивост, се дел од првите чекори кои ги направив, а сеуште ги применувам за да стигнам кон целта …Да бидам препознаена !!!
Еднакви.мк: Што е она што би го издвоиле како посебно за Аптека Лајф во однос на другите аптеки?
Марија Ралева: Најбитно од се, да научиш на клиентите да им го разбереш здравствениот проблем,да им се насмевнеш, да разговараш со нив, да им посветиш доволно време и внимание, едноставно да им бидеш матичен фармацевт или
матична аптека каде постојано внимателно ќе се грижиш за нивната здравствена состојба, ќе ги советуваш околу нивната пропишана терапија и ако е потребно ќе ги препраќаш низ здравствените институции во нашиот систем.
Со еден збор кажано „Се за Вашето здравје“.
Еднакви.мк: Кои Ви биле најголемите препреки и како ги надминавте?
Марија Ралева: Во еден систем на глобализација да се издвоиш како поединец навистина е храброст ! Препреките со реформите во здравствениот систем, со поставените постулати за работа, нелојалната конкуренција која секојпат постои и ги руши нормите во здравствениот систем, процедурите кои треба да ги запазиш за да работиш исправно и корисно пред се за здравјето на луѓето кои се секојпат примарни, ги совладував во „од“ без да ми влијаат врз позитивната мисла да истраам и да одговорам на обврските. Се промовирав себеси и мојот тим за работа како чесна, посветена, лојална, искрена, комуникативна, достоинствена, одговорна, вредна и трудољубива и никојпат не се пожалив дека ми е тешко и напорно бидејќи само со упорност и работа можеш да ги совладаш предизвиците кои ги носи животот. За сите овие таканаречени комплименти и вредности за мене како личност и за работата во мојата аптека ЛАЈФ зборуваат и многубројните истражувања на пазарот од страна на тајни купувачи, направени од страна на сертифицирани Европски агенции кои го пратат трендот на успехот на компаниите. Аптека ЛАЈФ има добиено голем број пофалници и благодарници од задоволни клиенти и два сертификата од кои првиот за „КОРЕКТНА ФИРМА„ со беспрекорна репутација меѓу своите клиенти и партнери и вториот серификат за „КВАЛИТЕТ НА УСЛУГА„ со препорака за користење на производите и услугите кои ги нуди нашата аптека !
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени?
Марија Ралева: Прекрасно е чувството да бидеш горд на делата кои со сопствен труд си ги напишал !
Уште поубаво е кога тие дела и вредности умеат да ги почитуваат и искористат моите долгогодишни верни клиенти и соработници… Им благодарам на сите за укажаната доверба и безрезервна подршка кои ни ја даваа секојдневно овие десет години …
Млади девојки и жени, никојпат во животот не се откажувајте, бидете храбри, решителни, истрајни и одговорни кон поставените цели во животот.
„Предизвиците го прават животот интересен, а исполнувајќи ги, го прават животот значаен“.
Најнови коментари