Вести

Каде се продавач(к)ите во целава приказна – Билјана Балевска Патараковски

 

Иако веќе скоро месец дена трае кризата со Корона вирусот никој не ги споменува оние најранливите, кои секојдневно се на првата ударна линија и кои ќе останат најизложени дури и кога сите ќе се скриеме – вработените во продавниците и маркетите. Овие денови има наплив на купување по маркетите, а тие се непосредно изложени на секојдневни контакти со огромен број на луѓе. За чувството и стравовите со кои се соочуваат говориме со Билјана Балевска Патараковски, шефица на маркет во ЗУР Маркети.

 

 

Еднакви.мк: Колку време работите на оваа струка и дали некогаш претходно сте се сретнале со нешто слично на сегашнава состојба?

Билјана: Работам повеќе од 15 години во оваа бранша. Но досега не сум имала ваква или слична ситуација. И ние како и сите други, учиме секојдневно и наоѓаме нови решенија за непречено обавување на нашата работа.

Еднакви.мк: Што е она што секојдневно го размислувате и дискутирате со колегите откако настана оваа состојба?

Билјана: Како луѓе размислуваме пред се за нашето здравје и здравјето на нашите семејства, па човечки новонастанатата ситуација не загрижува. Но како продавачи исто така имаме и морална одговорност кон потрошувачите, да ги опслужиме, да го дадеме својот максимум и да останеме присебни до крај.

Еднакви.мк: Дали мислите дека владата и работодавците мислат доволно за заштитата на продавач(к)ите?

Билјана: Заштитени сме на нашите работни места, носиме ракавици и маски, редовно вршиме дезинфекција на продажниот простор, како и на сите други помошни простории. Нашата компанија будно ги следи инструлциите на Владата за како најдобро да се заштитиме.

Еднакви.мк: Што би им порачале на купувачите?

Билјана: На купувачите би им препорачала да не креваат паника, да не се прават безпотребни гужви заради ефективноста во работата, секој кој ќе дојде ќе биде услужен, но во вакви моменти да не гледаме себично и да имаме разбирање бидејќи сите се соочуваме со тежок период. Ние сме тука за нив и ќе останеме до крај.