Иако веќе скоро месец дена трае кризата со Корона вирусот никој не ги споменува оние најранливите, кои секојдневно се на првата ударна линија и кои ќе останат најизложени дури и кога сите ќе се скриеме – вработените во продавниците и маркетите. Овие денови има наплив на купување по маркетите, а тие се непосредно изложени на секојдневни контакти со огромен број на луѓе. За чувството и стравовите со кои се соочуваат говориме со Светлана Грујовска.
Еднакви.мк: Колку време работите на оваа струка и дали некогаш претходно сте се сретнале со нешто слично на сегашнава состојба?
Светлана: Скоро една деката сум во трговијата на мало или малопродажбата.
Како работничка која што е неколку години пред пензионирање, а притоа последната декада работам на оваа работна позиција можам слободно да изјавам и да потврдам дека не само сега туку и постојано сме една од најзагрозените групи на луѓе кои што секојдневно и народски кажано сме на првата линија за многу нешта.
Не можам да кажам дека работата со луѓе не е убава, дека не ме исполнува, сепак ние сме постојано во контакт со повеќето од нив и од сите возрасни групи а честопати дури остваруваме и лични контакти и пријателства.
Околу новонастанатата состојба во светот, а и во нашата држава како што е сега состојбата со вирусот covid-19 за среќа барем јас се сретнувам прв пат. Секогаш имало сезонски вирус на грип, особено во зимските периоди, или пак период кога владеел некој “лесен” вирус за кој што поголем дел од населението ќе се пожалело но конкретно со ваква состојба како што споменав и погоре се сретнувам прв пат.
Еднакви.мк: Што е она што секојдневно го размислувате и дискутирате со колегите откако настана оваа состојба?
Светлана: Вообичаено на самиот почеток тоа е апстрактно за сите нас, тое беше далеку и непознато. Првите информации ги добив од медиумите, истите беа пренесени во вид на кратки вести и статискичко-демографски податоци, сепак разбирливо се работи за нешто што и науката нема доволно информации.
Како и секогаш ситуацијата почна да се развива во насока со информации кој што стигаа до нас по најраличен пат, медиуми, пријатели, нашите потрошувачи и споделување на информации меѓу нас колегите. Морам да признаам дека и кога ќе дојде некој наш постојан потрошувач доктор секогаш знаеме да прашаме совет и мислење, иако и тие на почетокот не можеа да ни дадат точни и конкретни одговори.
Како изминуваше периодот се до појавата на вирусот во нашата држава информациите се менуваа постојано, конкретни насоки и мерки немавме а како главна тема на дискусија беше тоа како се пренесува вирусот, кој се симптомите, како да се заштитиме самите ние но и нашите потрошувачи. Како и во секој колектив има луѓе кој што се повеќе плашливи а со тоа и со предиспозиција за паника, не е пријатно постојано да слушате најразлични информации а притоа да не знаете која е точноста и вистинитоста на истата тука морам да истакнам еден важен дел од нашата организација при работа ние како работници/чки во малопродажбата во големите ланци на маркети немаме мобилни телефони при работа со нас, со тоа сме оневозможени за многу информации што се споделуваат во јавноста да можеме да ги следиме постојано, некогаш може да помине и цела смена а да немаме пристап до јавните гласила.
Сето ова доведува до една состојба каде што расположението постојано се менува, често се охрабруваме самите помеѓу себе, имаме период кога и ќе се нашалиме но и таков период во денот кога надвладува стравот. Нашата работна позиција е таква каде што во текот на една смена кај нас поминуваат и по неколку стотина луѓе а ние не ги познаваме сите, немаме никаква информација за нив, каде се движеле и дали се заразени па одтука главна тема помеѓу нас колегите постојано е превенцијата и како да се заштитиме од вирусот, а со тоа да ги заштитиме и нашите најблиски нашите фамилии сепак и ние после завршувањето на нашиот работен ден се враќаме дома и имаме контакт со нашите најблиски.
Еднакви.мк: Дали мислите дека владата и работодавците мислат доволно за заштитата на продавач(к)ите? Што би можело дополнително да се направи?
Светлана: Владата е таа која што создава политики по однос на законите, од нив произлегуваат и мерките како механизми за справување со најразлични кризи. Моето мислење е дека нашата влада до сега добро се справува со состојбата, особено од кога зпаочна со кампањата за заштита и превенција од вирусот и донесените мерки за работниците, тоа е она што нас најповеќе не интересираше и ни е важно.
Кога би зборувале за работодавците не би ги ставила сите во ист “кош”, сега зборувам како работничка од малопродажниот сектор. Оваа професија е доста подценета, секогаш се гледа на истата како не толку важна и затоа во нашата држава истата не е на листата на ценети професии, но морам кога веќе имам прилика да истакнам дека низ годините сум запознала прекрасни колешки и дека сум создала вистински пријатели.
Многу од работодавците имаат размислување дека сме лесно променлива категорија на работнички, дека молчиме и дека не си ги познаваме нашите права, па затоа и честопати има ситуации каде што е органичено нашето право на боледување, годишен одмор или пак слободни денови. Така беше и сега, на почетокот на оваа состојба сите беа уплашени и како прва “фамилијарна” мерка беше превземена набавката на најразлични прехранбени стоки за долготрајна употреба, а пак дел од работодавачите желни за профит заборавија на нас вработените и на нашите права и нашата заштита и безбедност при работа. Во некои мало продажни обејкти многу доцна се превземаа заштитни мерки (ракавици за заштита и средства за дезинфексција), сепак тоа е она што на нас ни е најважно и минимално потребно.
Кога би зборувале за дополнителни мерки тука има доста што да се каже, затоа што основните законски мерки што се превземаат и според кои што се организира нашата работа мислам дека се недоволни.
Мора некои работи да се променат. Континуираната едукација и новите протоколи за работа со храна се тотално непознати за нас, да се создадат соодветни услови за работа според кој би се организирала и нашата работа во објектите. Во голем број малопродажни објекти нема посебна просторија за пауза каде што вработениот може пристојно да го помине законското време предвидено за истата, нема ниту соодветен протокол на движење или пак соодветни работни униформи. Најчесто за хигиената во објектите се грижат самите вработени што според здравата логика е недозвоиливо, замислете работник/чка која што има конктакт со прехранбени производи да ја опслужува и работната позиција за хигиена. Не мора да замислувате, затоа што за жал тоа е и нашата секојдневна реалност.
Има уште многу вакви примери од кој што би произлегле доста промени во однос на подобрувањето на работните услови за нас работниците, и мислам дека тоа треба да биде гласна тема на говорење и дека после надминувањето на оваа стостојба со вирусот ќе се увидат грешките и конечно би започнале промените во овој сектор.
Еднакви.мк: Што би им порачале на купувачите?
Светлана: Да ги следат препораките од релевантните институции, како што е светската здраствена организација, нашата влада и министерството за здраство пренесени преку релеватни медиуми и новинари зошто само така ќе ја надминеме оваа состојба.
Да останат смирени и трпеливи, да ги посетуваат маркетите само кога е неопходно и самостојно, не фамилијарно, да ги почитуваат протоколите за влез и излез од маркетите, а воедно и да не купуваат големи количини на прехранбени производи, сепак тоа не е мерка за заштита од вирусот. Со тоа се грижат за своето здравје и здравјето на своите најблиски затоа што така се грижат за општеството, а воедно и за нас и оние што нас ни значат.
А за оние кој што се заболени од овој вирус им посакувам што поскоро да закрепнат, а на нивнтите фамилии да им испратам апел дека сите ние ги поддржуваме во овие моменти и со мислите сме заедно со нив.
Најнови коментари