Општо

ХЕРА- Прв Семеен Центар за услуги за жртви и сторители на родово засновано и семејно насилство

 ХЕРА го основа Првиот Семеен Центар – специјализиран сервис во земјава кој обезбедува услуги за жртви/преживеани и за сторители на родово засновано и семејно насилство

Еднакви.мк : Го основавте Првиот Семеен Центар кој е единствениот специјализиран сервис во земјава кој обезбедува услуги за жртви/преживеани и за сторители на родово засновано и семејно насилство и тоа бесплатно и доверливо. Знаеме дека ваков центар и тоа како е потребен во нашата земја и сигурно долго време е планиран. Како дојде до идејата и што сѐ требаше да се направи за овој центар да профункционира?

Хера: Првиот семеен центар во Град Скопје е прво специјализирано советувалиште за семејно насилство, кое започна со работа во октомври 2013 година со поддршка на Град Скопје и Комерцијална банка. Моделот на воспоставување на Прв семеен центар како специјализиран центар за советување за поддршка и превенција во случај на семејно насилство е пример за добра пракса и соработка помеѓу граѓанскиот сектор, локалното самоуправа и бизнис секторот. Но успешноста на работата на центарот се должи и на одличната вмреженост со институциите на системот, особено со Центрите за социјална работа, но и другите граѓански организации кои обезбедуваат услуги за поддршка . Споредено со првите години од работата на Првиот семеен центар во кои најголемиот број на клиенти беа упатени од страна на Центарот за социјална работа во Скопје, од 2018 година па наваму се забележува пораст на клиенти кои се обраќаат самостојно, по препорака на претходни или сегашни корисници на услугите, како и упатени од страна на граѓански организации, меѓутоа во се поголем број и од други градови во Македонија. Порастот на бројките на клиентите кои се обраќаат во центарот, како и нивната значајна разноликост по однос на демографските карактеристики се должи на препознавањето на центарот како советувалиште кое обезбедува континуирана и сеопфатна поддршка и бележи значителен успех во менаџирањето на случаите.

Еднакви.мк : Кои сѐ услуги ги нуди центарот засега и каков професионален тим е вклучен во вашите активности ?

ХЕРА: Преку специјализирани програми за работа, базирани на психотерапија, во советувалиштето бесплатни и доверливи услуги добиваат жртви/преживеани на родово засновано и семејно насилство, сторители, малолетни деца кои живеат во семејства со семејно насилство и се директни или индиректни жртви на насилството, како и други членови на семејството кои помагаат во процесот на советување. Покрај индивидуално, групно и семејно советување со психотерапевти, Центарот нуди и советување со социјален работник, упатување и придружба до соодветни институции и организации, како и бесплатна правна помош.

Еднакви.мк : Каква е статистиката досега, има ли жртви на родово засновано насилство што се пријавиле и добиле помош од вас?

ХЕРА: Имаме нови пријави во овој период, но бројот на пријави не е зголемен споредено со она што вообичаено го имаме како просек на нови пријави/клиенти на месечно ниво.

Еднакви.мк : Што би им препорачале на овие жртви, како би ги охрабриле да дојдат до вас?

ХЕРА: Би им препорачале да се охрабрат и да се јават за да добијат поддршка од некој кој ќе ги разбере, почитува, нема да ги осудува и ќе ги придружува во процесот на излез од насилството, бидејќи тоа е долготраен процес со низа предизвици од почеток до крај. Исходот ќе зависи од она што жртвите сакаат да го постигнат и им е потребно краткорочно или долгорочно, но и вклученоста и одговорот на повеќе институции/организации, бидејќи само така може да се даде сеопфатен одговор, да се намалат ризиците, но и некоја жена да може да продолжи понатаму со животот.

Еднакви.мк : Кои се телефонските броеви и емаил каде би можеле да се обратат тие што имаат потреба од контакт?

ХЕРА: Може да ни се обратат секој работен ден од 11.00 до 18.00 часот на 02 3 200 007 или на infopsc@hera.org.mk.