Еднакви.мк: Клаудија овој твој 24ти роденден беше малку поинаков од твоите предходни родендени. Ти повика за подароци кои ќе бидат наменети за сограѓаните на твојот роден крај Крива Паланка. Како дојде до ваква идеа?
Клаудија: Неодамна, поточно пред неколку месеци основав самоиницијативна хуманитарна организација наречена ,,Хуманија‘‘ и работев на истата. Го спремав првиот настан задонација за деца болни од ретки и тешки болести, меѓутоа тоа беше настан кој опфаќаше многу луѓе и неочекуваната ситуација со коронавирусот го одложи. Очекував дека ситуацијата ќе помине за побрзо време, за да дојде до остварување на настанот, меѓутоа кога поминаа месец дена и кога се прогласи уште еден месец вонредна состојба, решив дека сепак ќе изгубам доста време во место, за ништо. А за хуманостне смее да се чека.
Размислив како во овој период да направам една поинаква хуманитарна приказна која ќе биде поинаква и со сигурност ќе допре до многу луѓе за да ми се придружат. Ми се наближуваше роденденот и едноставно го имав одговорот! Овој роденден јас ќе подарувам и од овој роденден тоа ќе ми биде традиција за секоја наредна година.
Еднакви.мк: Дознаваме дека ова не ти е прв пат да бидеш хумана и помогнеш онаму каде што е најпотребно. Кажи нешто повеќе за ова.
Клаудија: Точно така, ова не е мојата прва самоиницијативна акција и никогаш до сега не сум експонирала јавно ниту имам објавено било што во врска со тоа. Едноставно сметам и децидно тврдам дека хуманоста мора да биде тивка, без камери и без разгласувања на сите страни. Во тој случај не е хуманост, туку реклама. Затоа јас сум најголем противник против сликањето кога се помага и донира, но сега едноставно морав да го направам спротивното, на сметка да ме осудат за чинот. Имено, секогаш кога подарував нешто и повикував и други луѓе да го направат тоа, никој не ми се придружуваше. Имаше интерес, да, се до моментот на остварување. Потоа речиси секогаш одев сама.
Знам дека има многу луѓе кои сакаат да помагаат на другите и има луѓе кои едноставно им треба идеја и поттик. Морав да најдам начин да инспирирам и мотивирам и мислам дека со оваа идеја #ДонирајРоденден во голем дел успеав и ја разбудив емпатијата на многумина.
Акцијата во секој случај ќе беше реализирана, со или без камери, меѓутоа се што сакав е да подигнам свест и кај други.
Ние сме менталитет кој се сомнева во се! Ако не објавев, немаше никој да ми верува, ниту да ми се придружи, со тоа веќе имам искуство. Ако не ги објавев луѓето, ќе беше дека си правам реклама си се сликам со подароци, а уствари ‘немало ништо од тоа‘. Искрено, никогаш не ми беше гајле што ќе каже било кој, само овој пат имав сосема поинаква цел. Ми требаше начин за инспирација кај другите! И затоа сега беше поинаку, ја искористив моќта на социјалните мрежи за да направам еден АПЕЛ до сите да ми се придружат на овој предизвик и да поттикнам хуманост во секој. Да покажам дека со малку од секој, се добива многу за сите!
И најдоброто го чував за крај: само 3 дена по објавувањето, го добив и првиот придружник во предизвикот! Да, да! J
Еднакви.мк: Кое е твоето мото и преку овој чекор што ми им препорачала на другите?
Клаудија: Какви човечки суштества сме ние, ако ја игнорираме болката и страдањето на другите? Хуманост никако не смее да се истоветувасамо со материјално добро! Хуманоста фигурира во секакви облици и дела и секогаш велам, не ти требаат милиони и балони да израдуваш некој! Понекогаш е доволно само да му се насмееш на некој или да му кажеш убав збор и да му го исполниш денот!
Сакам да Ви кажам дека човечноста ја имаме сите, само што не успеваме да ја препознаеме толку често меѓусебе и заради тоа си требаме еден на друг, да се поттикнеме и мотивираме. Сите сме исти и еднакви пред овој свет, а секој што Ве убедува поинаку, Ве лаже. Затоа, секогаш кога можете, помогнете и верувајте ми, не знаете животот што Ви носи. Денес сте горе, утре долу и обратно.На крајот од денот сите заспиваме со една иста надеж за утрешноста, дека ќе биде подобра.
Аплеирам уште еднаш најгласно што можам: Придружете ми се и донирајте за својот роденден, донирајте кога можете и колку можете… и помогнете таму каде што навистина е потребно. Ако подарите насмевка и среќа, тоа и не одзема од Вашата туку напротив, само додава многу повеќе.
И сакам да Ви пратам една порака на сите: Толку многу луѓе сме на овој свет, а ретко кој е човек. И погодете што? Сеуште имаме време да го промениме тоа!
Клаудија Стоевска пред 2 години дипломирала на Градежениот Факултет во Скопје, со тоа што во моментот работи како градежен инженер и паралелно ги завршува магистерските студии на истиот.
За себе вели дека си ја сака струката и работата и се труди да го даде најдоброто од себе во се’ што работи. Покрај работата, во слободно време најмногу чита литература од различен жанр, пишува на слободни теми и веќе некое време работи на остварување на еден свој проект за донации и хуманитарни организации открива таа за Еднакви.мк.
Најнови коментари