Finance Think е организација која активно работи да го подобри влијанието на економските, социјалните и развојните трендови и политики врз граѓаните во Северна Македонија и регионот на Западниот Балкан, преку економски истражувања, застапување базирано на докази и водено од податоци, и поттикнување критичка дебата за економските процеси. Истражувањата кои ги спроведуваат Finance Think им помагаат на носителите на политики, креаторите на мислење, економските новинари но и јавноста подобро да ги разберат економските и социјалните прашањата кои влијаат врз граѓаните.
Проектот „Родова еднаквост на работното место: Мониторинг на локално ниво” кој е финансиски поддржан од ФООМ има за цел промоција и поттикнување родова еднаквост и недискриминација при вработување и на работното место. Со овој проект подлабоко ќе се анализираат повеќе аспекти на прашањето со родова еднаквост и недискриминација при вработување и на работното место со фокус на општина Прилеп.
Според статистичките податоци, македонскиот пазар на труд се соочува со сериозна родова нееднаквост. Стапката на вработеност кај жените (38.6%) е многу пониска од таа кај мажите (52.3%). Дополнително, само 47.4% од работоспособните жени во земјава се активни, за разлика од 66.6% од мажите. Понатаму, вработените жени се соочуваат со други видови нееднаквост: пониски плати, подвработеност, дискриминација заради бременост и родителство и сл. Жените се почесто неплатени семејни работници и почесто примаат пониски плати од мажите. Постоењето на значаен родов јаз на пазарот на труд во земјава, нотирано е во последниот Извештај на ЕУ за напредокот на Северна Македонија.
Иако во Северна Македонија е забранета дискриминација при вработување, сепак најчест случај на дискриминација е оној во доменот на работничките права, при што пак најчеста е родовата дискриминација. И покрај оваа состојба, во земјата, особено на локално ниво, многу малку или воопшто не се одвојуваат средства за активности кои ќе ја унапредат родовата еднаквост. Работничките и кандидатките за вработување во земјава се во понеповолна положба од мажите, а вистинските корени на родовата нееднаквост и дискриминација остануваат нејасни.
Со проектот „Родова еднаквост на работното место: Мониторинг на локално ниво” пред сè се става фокус на испитувањето на корените на родовата нееднаквост и дискриминација при вработување и на работното место, но и на зголемување на свеста и знаењето на работниците за заштита од родова дискриминација. Сето ова ќе им помогне на креаторите на политиките да донесуваат информирани одлуки засновани врз докази, податоци и препораки и ќе поттикне на социјален дијалог помеѓу работниците, работодавците и носителите на политики.
Предвидените активности од проектот – анализите, препораките документи за јавни политики, средбите, локалните кампањи, информативните публикации – вклучуваат активна соработка со работниците, работодавачите, локалните власти, медиуми и граѓански организации како и носителите на политики во општина Прилеп. Имплементацијата на препораките коишто ќе произлезат од истражувањата и анализите, но и зголемената јавна свест, на подолг рок, ќе придонесат до поголема родова еднаквост и спречување на дискриминацијата при вработување и на работното место.
„Родова еднаквост на работното место: Мониторинг на локално ниво” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Најнови коментари