Општо

Јасмина Кантарџиева – уредничка на Женски Печат

Еднакви.мк: Јасмина, Вие сте уредничка на Женски печат, издание што излегува секој вторник во весникот Слободен печат. Кажете ни нешто повеќе за вас како дојдовте до ваква идеја која и тоа како е потребна на нашите простори?

Јасмина: Женскиот активизам ми е близок повеќе од дваесетина година, на крајот на 90-те години го покренав месечното списание „Семеен магазин“ кое се бавеше со семејни прашања, но акцентот беше на жената. Тоа беше прво женско списание нефинансирано од владиниот буџет, а веројатно и прво списание од ваков вид, по списанието „(Просветена)Жена“ кое имаше долгогодишна традиција и кое беше, за жал, на пат да згасне. Потоа следуваше инцицирањето на двонеделникот „ВипГала“, повторно адресирано до женската публика, и стартувањето на невладината организација „Концепт“, една од првите во Македонија која се занимава со женски прашања. Кога издавачката клима во Македонија стана неподнослива, од финансиска гледна точка, се приклучивме на едно интернационално списание кое излегуваше во сите републики на поранешна Југославија. Пријателски се разделивме поради различните дискурси, се разбира дека профитабилниот концепт на едно списание за да опстои е повеќе од важен, но изгледа дека не знам, односно не сакам, преку своите текстови да се обраќам на жени кои уживаат да читаат за други жени колку успеале, а местото на страниците го заслужиле единствено преку економските предности што доаѓаат од нивните сопрузи. Со моето ангажирање во весникот и портал „Слободен печат“ беше сосема природно да си го донесам духот од минатото, да си дојдам со својата сенка. Главната уредничка на порталот ми предложи да пишувам женски колумни, и така почнавме. А со оглед на тоа што сум прилично „нервозна“ кога се во прашање феминистичките теми, колумната ја крстив ПМС и ја задоволуваше потребата да се „испразнам“, да си кажам што мислам, но не бев сигурна дали воопшто допира тоа некаде и до кого. Не ми требаше само сопствениот глас, сопственото мислење, а верувам дека и публиката е веќе изморена од колумни и дебати во кој акцентот е на „јас мислам“. Беше потребна алатка за комуникација со другите жени, со сите жени кои имаат што да кажат, зашто колку сме побројни и погласни, подобро ќе не видат. „Женски печат“ е производ на жени, а благодарение на разбирањето за ваквата потреба од уредништвото и менаџментот на „Слободен печат“.

Еднакви.мк: Која е целта на Женски печат?

Јасмина : Да се подигне свесноста за важноста на жената во едно демократско општество, почнувајќи од еднаквите права и можности до промовирање на вистинските вредности. Време е да ја погледнеме жената со очи кои се различни од минатото. Новите права и слободи, повисокиот степен на образование, поголема видливост на работните места, новите стилови на живеење придонесоа за длабоко менување на улогата на жената во општетсвото. Сè ова повлекува и нови потреби за комуникација. Голем број жени направија чекор напред и потребно е и медиумите да се прилагодат, да го следат тој чекор. Смешно е женските прашања сè уште да се третираат до интервју, и тоа најчесто со личности кои освен што се расоблекле не направиле ништо поважно во животот,  или до козметички и модни трикчиња за разубавување. Убави сме. И паметни сме. Ни недостига само можност и видливост, зашто на многумина очигледно повеќе им одговара слепилото. Државата ја управуваат мажи, и како што знаеме, таа е лошо управувана. Се разбира, не сум против мажите, но сум против улогите: против машката улога и женската улога што ова општество ни ја наметнува, против фактот дека мажот треба да биде агресивен, конкурентен, да заработува, да излезе, да направи свој пат, а жената да биде експлоатирана, да си молчи и да си трае, и да биде бескрајно благодарна што наишла на таков „способен“ маж. На истото ова прашање работат, денес бројни, здруженија и организации. Но, сè уште сме на почеток, далеку сме од ефикасна еманципација на жените. Сè уште сме накострешени од предрасуди, па и од самиот збор феминизам. Постои многу збунета идеја за тоа што е феминизам. Сè уште се гледа на тој поим како на непотребна агресија. За мене, на пример, феминизмот, значи и солидарност меѓу жените. Колку сме навистина солидарни? И што е, на крајот на краевите, феминизам? Ако сте за еднакви права и можности на жените, тогаш слободно може да кажете за себе дека сте феминист/ка. Ако сметате дека жената која работи има право на иста плата како и мажот што ја работи истата работа, тогаш и вие го поддржувате едниот од основните принципи на феминизмот. Ако се согласувате дека работните обврски во домот не треба да се делат на машки и на женски, поддржувачи сте на феминизмот, колку и да ве нервира тој збор. А, ако некому нешто сè уште не му е јасно, и покрај катастрофалните бројки на вклученоста на жените на високи раководни фунции и позиции во државата, во државниот и приватниот сектор, тука сме да нацртаме и да се обидеме да објасниме.

Еднакви.мк:  Кое е вашето мото и што би им препорачале на нашите жени?

Јасмина: Ќе се послужам со зборовите на пијанистката Диаманда Галас, која вели дека жена која се откажува од феминизмот е жена која не ја разбира големата количина на обработен труд. И би додала: на обработен труд и за неа, иако не мрднала со прст.