Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Ирена Николоска Ристановска.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Ирена Николоска Ристановска: Тоа се три поединечни моменти кои на крај се соединуваат во едно.
Различноста на нашиот син Лука. Неговата посебност започна уште во пренаталниот период, со констатирањето на нефункционалноста на неговите бубрези. Веднаш потоа неговиот оперативен зафат на само тримесечна возраст. И моментот кој го помести тлото под нозете и дотогашната ,,егзистенцијална сигурност“-Аутистичниот спектар на нашиот син на неполни четири години.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Ирена Николоска Ристановска: Повисоко ниво на свесност,континуирана работа на сопствениот раст и развој и развивање на потенцијалите на сопствената индивидуалност.Спокоен ум и создавање на хармонични мисловни вибрации.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Ирена Николоска Ристановска: ,,Она што го мислите, тоа и станувате“
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Ирена Николоска Ристановска: Жените во Македонија можат да направат многу. И не секогаш е потребно одобрување за реализација. Во Услови каде друг индиректно одлучува би им препорачала на одлучувалите: Верувајте ни…На жените во МКД им е потребен простор и поддршка да се реализираат замислените мечти. Жените имаат потенцијал ова парче земја да биде спокојно место за живеење за сите.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Ирена Николоска Ристановска: Коренити промени на инклузијата. Би ја градела постепено и што е најважно би ја вметнала онака спонтано уште на старт, во градинките, со тоа истата би била дел од нас, обидите за прифаќање односно неприфаќање тогаш не би ни постоеле. Би променила неколку Закони во делот на Детската заштита. Моралните вредности и норми би ги ставила пред секого и пред се .
Еднакви.мк: Што би и препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Ирена Николоска Ристановска: Единственото нешто што е сигурно и достојно за Вашето внимание, нега, љубов и почит во неограничени количини е многу блиску …Вашиот одраз во огледалото .
Тоа не е нарцисоизам-тоа е самопочит од која почнува Се!
Најнови коментари