Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со адвокат Александра Стојановска Тасевска.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Александра Стојановска Тасевска: Можеби ова е едно од најтешките прашања на кои треба да изберам еден одговор, бидејќи гледано од денешен аспект сметам дека патувањето наречено живот ме соочи со многу предизвици кои на некој начин значеа пресвртница за мене. Но, моментот кога сфатив дека се е возможно доколку своето знаење и животно искуство ги насочиш во креирање на подобра верзија од себе, го сметам за пресвртница на својот живот.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Александра Стојановска Тасевска: Низ годините согледав дека она што им е потребно на жените во Македонија е поддршка од семејството, образовниот систем и институциите. Ова значи дека семејството, образовниот систем и институциите е потребно да применат пристап за промени во општествените и културните шаблони на однесување на жените и мажите со цел искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се засноваат на стереотипните улоги за жените и мажите.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Александра Стојановска Тасевска: Како адвокат по професија, веројатно постојано имам потреба некому да дадам совет и надвор од професијата. Совет кој често знам да го дадам на луѓето кои се дел од моето секојдневие е да бидат свои и храбро да се борат за свое место под сонцето, но притоа да не заборават на човековите вредности.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Александра Стојановска Тасевска: Од 2008 година работам на подигнување на свеста за женските права, па во тој контекст морам да споменам дека кампањата “16 дена активизам против родово базирано насилство” се одбележува секоја година, започнува на 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените и трае до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Кампањата се користи како организирана стратегија за повикување на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата. Нашата земја направи чекор напред со ратификацијата и стапувањето на сила на Истанбулската конвенција, но пред нас претстои тешка борба одредбите од Истанбулската конвенција да се имплементираат во нашето законодавство. Сметам дека во овој процес е потребно особено внимание од страна на сите чинители, за да се постигне нејзината цел – ставање крај на насилството врз жените и домашното насилство.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Александра Стојановска Тасевска: Не би издвоила три работи кои би ги променила, туку би кажала само дека доколку можам би влијаела на луѓето сите да се потрудат со своето однесување да го направат светот подобро место за живеење. Грижата за останатите според мене е карактеристика од која секој треба да се раководи, а тоа секако води кон промени кои повеќето ги посакуваат. Кога сите би се грижеле и би ја почитувале природата би имале зелена планета, аналогно, кога секој би се грижел за другиот би имале многу среќни лица.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Александра Стојановска Тасевска: Да не се откажат да го живеат својот сон, колку и тоа да изгледа тешко во дадени моменти. Да најдат време за себе, бидејќи среќна жена е онаа жена која поминува квалитетно време со себе си. И секако, рекреативно да спортуваат, за мене нема поголема среќа од планинарењето и трчањето кои често ги практикувам, а кои дополнително позитивно влијаат на самодовербата.
Најнови коментари