Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со м-р Ивона Муфишева.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Ивона Муфишева: Повеќе моменти во моменти во мојот живот оставиле длабоко влијание, одлуката да студирам право несомнено е еден од нив. Правото како вештина на добрина и еднаквост е одредницата по која се раководам во мојот живот, секогаш залагајќи се за правда и правичност. Оттука веројатно и моите карактерни црти – умереноста, одмереноста и внимателното согледување на сите околности пред било што да заклучам или одлучам.
Раѓањето на ќерка ми е најубавиот момент којшто ми се случил и по кој јас не сум истата. Со неа растам на многу поинаков начин, низ работите кои јас ги учам од неа.
Исто така, големо влијание во мојот живот оставиле одредени личности кои сум ги запознала во најразлични животни етапи, како оние кои останале во мојот живот, така и оние кои повеќе не се дел од него. И од едните, и од другите сум научила односно сеуште учам по нешто. Тие ми иницирале преиспитување на себе самата, ме инспирирале, ме охрабриле или пак ми потврдиле одредени нешта. Секој некој не случајно бил или е дел од нашиот живот.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Ивона Муфишева: На жените во Македонија им е потребно да бидат сослушани, слушнати, потребна им е поддршка, сигурност, оддавање признание и валоризација на сиот вложен труд како на приватен план во рамките на семејството, така и на професионален план. Мислам дека жените сеуште се плашат да изразат мислење, став или да аргументираат слободно без страв дали ќе им биде повишен тонот притоа или пак би трпеле било какви непријатни последици само затоа што се понежен пол.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Ивона Муфишева: Оној кој мене ми го дале моите родители: да се живее чесно и да се прават добри дела.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Ивона Муфишева: На жените да им биде обезбедена сигурност за достоинствен живот во секоја смисла на општественото живеење.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Ивона Муфишева: Светот, светот и светот.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Ивона Муфишева: Знаењето е она што дава сигурност и самодоверба, а искуството е најголемиот учител. Затоа на младите жени би им препорачала да работат вредно, посветено и достоинствено. Да се надградуваат постојано, но и да бидат истрајни и трпеливи, бидејќи нема успеси без работа и труд, но и пат без препреки. Впрочем, трнлив е патот до sвездите, но не и недостижен.
Најнови коментари