Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со доц.д-р Весна Попоска, универзитетска професорка и генерален секретар на Меѓународниот Универзитет ВИЗИОН и првата жена која одбрани докторска дисертација на Воената Академија во Скопје.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Весна Попоска: Биле повеќе, веројатно во секоја фаза од растењето имало по некој таков момент. Првиот е секако семејната средина и поддршката што сум ја добивала од родителите и фактот што ме воспитувале да бидам самостојна и доследна, никогаш не правеле дистинкција во односот кон мене како кон „женско“ дете, како и грижата за помалата сестра која има аутизам. Вториот момент беше преселбата од Кичево во Скопје и адаптацијата кон новата средина. Третата голема работа беа моите почетоци на Меѓународен Универзитет Визион каде што сум уште од самото основање и се соочивме како тим со низа предизвици, кои од денешен аспект ме изградија како професионалец. Секако тука се и студиите и активзимот- неформалното образование и улицата врз мене имаа дури и поголемо влијание отколку формалните образовни процеси. Петтиот пресврт е секако бракот и новите улоги кои ги добивме со сопругот. Константа за секој од процесите се кризите со кои сите како поединци се соочуваме, а за кои не сакаме да зборуваме, не сфаќајќи дека само предизвите отвараат простор за раст.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Весна Попоска: Реална поддршка и охрабрување, наместо тапкање по рамо. Вистински шанси за реализација на сопствениот потенцијал. Почитување, наместо стигматизација, стереотипизација и дискриминација. Многумина зборуваат за родова еднаквост, а феминизмот е сеуште „валкан“ збор. Ретко која жена при вработување не е запрашана за планирање на бременост и семејство, на пример. Сите сакаат да зборуваат за поддршка, но ретко ја даваат дури и кога имаат можност. За чудо, многу повеќе изостанува женската поддршка и солидарност, отколку меѓуполовата.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Весна Попоска: Блиските, па и подалечните често ми се обраќаат за совет и мислење, но ако треба да го сублимирам сето тоа, вака некако би звучело: Никогаш не се откажувајте, секогаш простувајте, помагајте колку што можете и секогаш бидете промената која сакате да ја видите. Не бидете себични, спакувајте го егото во кутија за чевли и правете ги работите кои ве прават среќни вас и луѓето околу вас, затоа што ретко кој може да биде среќен ако е опкржен со несреќни луѓе. Обично среќата ја прават малите нешта, како шолја топло кафе што ќе ви го донесе колешката кога не ви е денот. Животот никому не му должи ништо и најлесно е да се повлечете и да плачете дека не го добивате тоа што го заслужувате, дека не чини државата, луѓето, средината. Тешко е да ги промените работите со личен пример, но тоа е единстевниот сигурен почеток на промените. Најважнно е да бидете ачик ( отворени за се и за сите) и да функционирате без предрасуди. Емпатијата е прва одлика на интелектуалецот, бидејќи знаење без карактер е како брод на суво.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Весна Попоска: Уф, ова е долга листа. За почеток, да не ги злоупотребуваат квотите за партиските листи. Квотите постојат за да им дадат поголема шанса на најдобите кандидатки, не да служат како декор за собирање на политички поени. Естрадните политички решенија не донесоа ништо добро за никого, ниту помогнаа да се надмине родовиот јаз и родовите бариери. Женските организации во партиите често се користат како параван од декоративна природа, наместо како вистински генерирарчи на родово ориентирани решенија. Второ, да ги охрабрат и реално да ги поддржат жените да се вклучат и во општествениот живот, и во оние професии каде се дефицитарни. На пример, да се стипендираат девојки во средно и универзитетско образование за професии каде е констатирано дека има видлива дискрепанца, на пример во техничките науки. Посебна поддршка да се обезбеди за семејствата каде има лица со посебни потреби, особено за над 26 години. Да се обезбеди менструална правда, односно хигиенските производи да бидат лесно и безбедно бесплатно достапни за жените и девојчињата во социјален ризик, во училиштата и руралните средини, а да не се оданчуваат ониен кои се во продажба. Да се субвенционираат лиценци за работа за определни професии за жените кои одличн ја работат својата работа но не може да си дозволат да се осамостојат како адвокати или инженери и така да се охрабрат да започнат сопствен бизнис. Дури и субвенционирањето на полагање за возачки испит може да направи огромна разлика во потрадиционални средини.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Весна Попоска: Во контекст на трендовите периодов:Лесно достапна вакцина за КОВИД 19, намален персонален данок во време на пандемија за да им се овозможи на работадавачите поголема ликвидност, нов телекомуникацски оператор во земјата; Општата листа е многу подолга, но секако би го зафатила загадениот воздух, лошата инфраструктура и квалитетот на услугите од социјала, образование и здравство.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Весна Попоска: Да не се плашат од општеството и предрасудите туку да чекорат храбро по својот пат; Ако се најдат во дилема кој пат да го одберат, секогаш нека е потешкиот; Aко можат да изберат што ќе понесат со себе на тоа патување, секогаш да му дадат предност на доброто друштво; Ако имаат шанса да помогнат било кој да се чуствува подобро или да му помогнат на некој попатно, задолжително тоа да го направат и притоа да запомнат дека успехот е многу повеќе самото патување отколку дестинацијата, дури и ако не се фотографираат за социјалните мрежи на секоја попатна станица.
Најнови коментари