Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денеска разговараме со Јана Јанеска Ристески, историчарка на уметност и претседателка на Уметничкиот совет во Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Јана Јанеска Ристески: Одговорот се наоѓа токму во периодот по дипломирањето и наоѓањето за себе место под Сонцето, професионално. Како историчарка на уметност и археолог, во комбинација со генерации од богато фамилијарно искуство во ликовниот свет, природно, сонував да работам исклучиво во рамките на мојата професија, но состојбите во нашата држава не ми отворија таква можност. После факултетот случајно најдов работа во „студениот“ бизнис-свет, кој за мене во тој момент беше непознат и тежок за совладување. Се одлучив да го прифатам предизвикот и подоцна тоа се покажа како една од најдобрите донесени одлуки за мојот понатамошен развој, како професионален така и приватен. Искуството кое десет години го собирав и градев во тогашната компанија Т-Мобиле, можам слободно да кажам дека беше уште еден факултет кој понатаму одлучив да го применам практично и да отпочнам една нова приказна како за мене – така и за голем дел од засегнатите во тој круг. Таму научив и видов како се гради, одржува и на крај растура една голема и успешна приказна. Тука почна и пресвртницата.
Барав начин како можам да ги спојам културата, пред се ликовниот дел од неа со бизнисот. Чувствував потреба да ги изнесам моите заложби и да почнам да се занимавам со менаџирање на ликовната уметност, поточно уметниците и нивниот краен производ. Тоа во развиените земји одамна постои, но за нас е нов предизвик. Но, јас не познавам никој што сам се откажал од убавото. Едноставно треба да ги потсетиме луѓето што е убаво и што е тоа што ќе ги натера да заборават барем кратко на секојдневните обврски и проблеми, а и убаво е да знаат по што утре светот ќе ја препознава нашата култура. Најголем предизвик за мене е да се потрудам нашите уметници конечно да ја добијат достојната почит во ова општество, бидејќи ликовната уметност е една од најзагрозените гранки во културата, и тоа мора да се поправи. Да им се отвори можност на нашите уметници конечно да можат достоинствено да заработуваат, да постигнат самоодржливост и независност. Љубителите на уметничките дела еднаш конечно треба да разберат дека вистинската вредност на уметноста е многу повисока од очекуваното. Во студениот бизнис-свет многу недостасува топлината на уметноста. Ете, толку е едноставно. Ја сакам уметноста, а бизнисот и менаџирањето бев принудена да ги научам (нив не ги сакам), комбинацијата од двете за мене е вин-вин ситуација.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Јана Јанеска Ристески: Ние жените треба да веруваме во сопствениот успех, колку и да изгледа тоа лудо и неостварливо во моментот, но, сепак тоа е составен дел од реализацијата. Довербата и верувањето во себе се клучни за успехот. Клучно е да очекуваме да бидеме успешни.
Да не се плашиме да преземеме ризик, да не се плашиме од промените, зашто тие се еден од клучните фактори за развој на индивидуалната кариера, но тоа не значи дека треба да се носат непромислени одлуки, напротив кога ќе престанете да играте безбедно треба да сте сигурни дека ризикот што сте одлучиле да го направите сепак е пресметан и нема да направи штета врз понатамошниот успешен развој.
Но, истовремено, не треба да се плашиме и од неуспехот. Тој оди рака под рака заедно со успехот. Невозможно е постојано да се истакнувате. Сепак човечки е да се греши и од грешките да се учи. Тоа ја подобрува целата слика и го збогатува нашето искуство.
Треба да се одвојува повеќе време за себе и не треба да се плашиме да го кажеме и да го реализираме тоа што го сакаме. Успешните жени ја темелат својата успешност врз база на можноста да управуваат со сите важни области во нивниот живот. И тука спаѓа и поддршката на животниот сопатник. Успешните жени ја знаат вредноста на вистинското партнерство. Тоа треба да биде целосно во поддршка на развојот на вашата кариера и напредок. Ова е еден од главните проблеми кога станува збор за жените и нивниот развој и успех кај нас.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Јана Јанеска Ристески: Не плашете се од непознатото, прифатете ги предизвиците, можеби во моментот ќе ви изгледаат тешки и невозможни за реализација, но сепак доколку успеете, крајниот резултат е непроценлива награда. Животот треба да се живее по сопствени правила и услови, да се следат сопствените соништа, без оглед на мислењето на другите за тоа. Треба да ја прифатите идејата дека имате право да сакате многу нешта за себе дури и ако другите тоа не го разбираат, тоа е најмоќното и најслободното чувство на светот.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Јана Јанеска Ристески: Лидерите треба да вложат вистински и поголеми напори, како и да работат на развој на нови стратегии кои се од суштинско значење за создавање на поинклузивно работно опкружување каде што, подеднакво жените и мажите можат заедно да успеат и само на тој начин можат да направат вистински промени во заедницата.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Јана Јанеска Ристески: Првата работа која би ја променила е порано прифаќање на мојата несовршеност. Ние како жени сме подложни на потребата од перфекција, но искуството до сега ми покажало дека човек треба да се научи да живее со своите мани, да ги прифати и да успее да ги претопи во позитивна приказна. Обидот да бидете совршени е билет во еден правец и не води никаде.
Следното би било навременото соочување со стравот од неуспех и прифаќањето на предизвиците.
На сето ова е и третото нешто, а кое сè уште се трудам да го совладам и променам. Тоа е конечно да престанам да се извинувам за тоа што го сакам и да чувствувам вина за своите желби, потреби и амбиции. Животот е еден и само ние имаме право да одлучиме кој е патот кој ќе одбереме да го поминуваме.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои сè уште се несигурни во себе?
Јана Јанеска Ристески: Секоја успешна жена што ја познавам има повеќе неуспешни обиди и приказни зад себе. Сигурноста во себе и искуството се градат токму врз овие неуспешности. Жените имаат способност своите недостатоци да ги претворат во оружје за понатамошната борба и пробивање. Кога во ова ќе успеете и успехот е сигурен и загарантиран. Застанете во одбрана на вашата цел и почнете да чекорите кон врвот. Успешните жени најверојатно не се во согласност со општо прифатените стандарди, а токму излегувањето од пропишаните норми е еден чекор поблиску до успехот. Бидете безобразни, бестрашни и одделете се од другите, дури и ако тоа значи да бидете единствената жена во соба полна со мажи. Одете чекор по чекор, бидете амбициозни, несебично вложувајте во својот напредок и надградба, односно стекнете навика на само-подобрување и тоа правете го секој ден. Преземете акција, иако крајната цел на почетокот изгледа невозможна за постигнување, треба да се знае дека вие не сте украс, вие сте тука да ја завршите започнатата акција. И најважно од сè, никогаш да не се извинувате за тоа што го сакате. Имаме право да сакаме и да сонуваме и нормално својот сон и личните амбиции да ги претвориме во реалност.
Најнови коментари