Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денеска разговараме со Снежана Павловска, медицинска сестра.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Снежана Павловска: За мене тоа е раѓањето на моите деца. Со самото раѓање на детето, животот добива друга димензија. Љубовта и посветеноста се без граници.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Снежана Павловска: Повеќе самодоверба, поголема слобода, унапредување на правата и исчезнување на дискриминацијата на жената.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Снежана Павловска: Здравјето е најважно и бесценето, за сè друго има решение.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Снежана Павловска: Па не само што би им порачала на одлучувачите, туку и ние како жени обединети треба да се бориме за поголемо вклучување во сите сфери на општественото живеење. Сметам дека има уште многу работа на ова поле во државата. Проста анализа ќе покаже дека жените се помалку застапени во управувачките структури. Сè уште има жени на маргините на општеството, врзани за патријархалниот начин на живеење. Сè уште постојат примери на дискриминацијата по основ на пол. Не велам дека нема напредок, но генерално сè уште треба да се работи на подобрување на положбата на жената во општеството.
Еднакви.мк: Доколку би можеле да промените три работи, кои би биле тие?
Снежана Павловска: Земајќи ја предвид мојата професија како медицинска сестра во Итната медицинска помош во Скопје и неизвесноста со која глобално не соочи оваа пандемија, би рекла дека во моментов посакувам само е што е можно поголем број оздравени лица и поголем душевен мир за сите – оние кои се борат за живот и ние кои сме на борбената линија.
Генерално, би рекла:
1. Социјална правда и сигурност за сите. Враќање на човечкото достоинство и унапредување на квалитетот на животот во Македонија. Ни фалат нормален живот, среќни детства и чист воздух.
2. Поголема одговорност од страна надлежните при решавање на проблемите, успешно справување со истите, а со тоа зголемување на довербата на граѓанството во сите сфери на системот. Да нема селективната правда, корупција, клиентелизам.
3. Еднаш засекогаш да тргнеме напред и да оставиме еден поубав свет за нашите деца.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се уште се несигурни во себе?
Снежана Павловска: Да се образуваат! Знаењето дава моќ и слобода. Да се посветени во рализацијата на своите соништа, истрајни и упорни во достигнување на поставените цели. Верувајте во себе!
Најнови коментари