Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Селма Јашари Смаиловиќ магистерка по психолошки науки , семеен и системски советник.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Селма Јашари Смаиловиќ: Низ годините на личен раст и развој секоја индивидуа се соочува со моменти во кои се налага храброст и детерминираност, но и волја и визионерство истовремено. Во досегашниот мој животен континиум многукратно сум се соочувала со моменти кои претставуваат пресврт. Првенствено, сепак, сметам дека изборот на насоката на образование во листата на моите животни избори е коренита пресвртница, последователно на тој избор јас растев и се развивав со благородната наука која ја избрав. Медицината и психологијата како врвни хуманистички достигнувања станаа дел од моето ткиво и од мојот начин на дејствување, задоволството да им помагаш на луѓето во моменти на криза, лична или колективна е незаменливо чувство на смисла во животот. Се разбира, второ, но не и помалку важно е промената на местото на живеење, изборот на животниот партнер и раѓањето дете. Во крајна сметка, сите тие пресвртни моменти се комплементарни, взаимодејствуваат и ме дефинираат. Како психолог, јас секојдневно ги доживувам чувствата на луѓето кои бараат помош за да се справат со животните пресвртници, тоа е чест збор во мојот речник и затоа претпочитам пресвтниците да ги доживувам, но и другите да ги охрабрам да ги доживеат како патоказ кој не води кон промена.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Селма Јашари Смаиловиќ: Кога станува збор за потребите на жените, не само во нашата држава, но и во многу поразвиени демократии, првостепено е достигнувањето на целосна рамноправност. Рамноправност која ќе се преслика во сите слоеви и категории на општеството . Во нашата држава се работи многу на тоа поле и успесите се неспорни, но патот не ѐ изминат и постојат уште многу пречки, предрасуди и стереотипи со кои не само ние жените, туку целокупното граѓанство треба да се соочи и да се справи. Во изминатите години, ако сакате и декада, учеството на жените, особено во политичкиот живот на земјава, беше доста нагласувано, тоа најмногу се рефлектираше врз бројот на жени меѓу народните претставници во Собранието на Републиката. Лично, дел од тие потези ги доживеав како декоративни елементи во нашата кревка демократија, но мора да се започне од некаде. Денес, веќе го немам тоа чувство, барем за политичкиот живот. Но, приватниот сектор и општествениот живот, за жал се сѐ уште места каде што жените мораат да жртвуваат двојно за да добијат исто или помалку од мажите на истите позиции. Тоа е последица на нашиот конкекст, за жал и во денешно време цели заедници без разлика на етничкиот или верскиот карактер, на нашиве простори продолжуваат да се оковани во синџирите на дискриминацијата, без разлика дали станува збор за жените или други ранливи категории на граѓани.
Жените во нашата земја имаат потреба од поголемо и посилно организирање, преку кое ќе биде слушнат нашиот глас и нашите потреби. Најголем проблем за жал, е семејното насилство, во кое најчесто жртва е токму жената. Мислам дека на кампањите од тој вид им недостига интензитет па дури и агресивност, тоа е проблем кој постојано треба да е во етерот и секогаш предмет на јавна дебата. Опишувајќи си го семејниот систем како клетка на секое општество, претставете си што семејното насилство му причинува на нашето општествено ткиво. Тоа е основниот проблем и сметам дека едукацијата во таа насока може најмногу да придонесе жените да имаат фер старт во трките кои им следуваат.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Селма Јашари Смаиловиќ: Мојата професија вклучува секојдневна советодавна дејност. Не можам да издвојам најважен совет, бидејќи секој совет кој сум го дала сметам дека бил најдобриот за соодветната ситуација. Единствено може да кажам врз какви принципи почиваат моите совети. Имено, тоа се взаемната почит и разбирање, универзалната етика и човечки доблести, хуманизам и рамноправност. Тоа се темелите на моите лични и професионални стандарди и се трудам целата мојата советодавна работа да е огледало на принципи кои го слават нашето човечко битие.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Селма Јашари Смаиловиќ: Претпоставувам одлучувачите е еуфемизам за политичарите. Јас ќе ги наречам служители на народот, бидејќи народот веќе одлучил а тие треба да му служат. Можеби звучам утопично, но јас верувам дека тоа треба да е така. И доколку е така, не би им препорачала ништо друго освен да ги почитуваат Уставот и законите, во нив ние жените, но и сите граѓани имаме гаранции за спокоен живот, личен и колективен просперитет. Се надевам за време на нашиот пат кон толку посакуваното европско семејство, тие законски регулативи ќе се унапредуваат, но ќе се унапредува и свеста кај граѓаните а со тоа ќе се подобри и состојбата на жените во нашата држава во секој поглед на општественото живеење.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Селма Јашари Смаиловиќ: Има толку многу нешта кои би ги променила. Најпрво би било еднаков достап до здравствени услуги за сите, борба со лажните вести, едукација за полезноста и предноста на вакцините, борба со говорот на омраза во сите форми, кампањи против сите форми на насилство, во домот, во училиштата и на социјалните мрежи, но и построги реперкусии за истите, подобри услови во сите јавни установи, построги критериуми за полициските службеници, подобра инфраструктура внатре но и кон границите со нашите соседи. Но за сето тоа да стане реалност, во кое силно верувам, најмногу треба да се посветиме на образованието. Знаењето и животните вештини на нашите деца се нашата иднина и тоа треба да е инвестиција поголема од секој автопат, хидроцентрала, фабрика или која и да ѐ друга капитална инвестиција, всушност тоа е најважната и најголемата од сите инвестиции.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Селма Јашари Смаиловиќ: Младите жени кои се несигурни во себе е реченица која толку добро ја разбирам, но е толку полна со противоречија. Младоста значи време, а времето е најскапоцениот, но и необновлив ресурс со кој секое човечко суштество располага, кога ќе речеме млади нека после тоа следува зборот храбри, наместо несигурни. Затоа што, за несигурност најчесто нема време. Бидејќи младоста подразбира време кое претстои, силно препорачувам да го почитуваат тоа време кое го имаат, тоа време е светиња и треба да се искористи на најдобриот можен начин и со најдобрите можни одлуки. Никогаш да не се откажуваат и да не заборават дека најтешки се последните метри од маратонот.
Најнови коментари