Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Соња Русевска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Соња Русевска, медицинска сестра во Интервентна кардиологија во Жан Митрев Клиник.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Соња Русевска: Пресвртница беше моето вработување, заминувањето од еден во дрг град, од Кичево во Скопје, снаоѓајќи се сама низ сите предизвици што ги носи животот, кои ги имало многу и добри и лоши.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Соња Русевска: Повеќе самодоверба, повеќе храброст, да им се слушне гласот за да си ги остварат своите права, а и да се борат со сите овие неправди што ги среќаваме во секојдневниот живот, зошто закон за жените во Македонија нема, не постои.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Соња Русевска: “Да ја гледаш неправдата и да молчиш е исто како да учествуваш во неа”

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Соња Русевска: Само да се почитуваат повеќе, жените можат многу да направат, да им се даде поттик во она што го работат да го остварат, за што морам да кажам дека во Жан Митрев Клиник јас сум вработена како медицинска сестра која секојдневни и несебично им помага на луѓето, а сето тоа не би било возможно доколку сме немале шеф како Д-р Жан Митрев кој ни овозможи пред се многу да научиме, да напредуваме и со љубов да ја работиме нашата хумана работа, која посебно во ова време на пандемија се покажа како бесценета.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Соња Русевска: Да се слушне гласот на жената да си ги оствари нејзините права, било медиумски или институционално, зошто гласот не постои од неадекватни т.н. стручни лица кои одлучуваат за судбината жените и децата воопшто. Да се донесе Закон за заштита на жените жртви од семејно насилство, зошто во Македонија ‘НЕ ПОСТОИ”. Следно жена претседател.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште

 несигурни во себе? 

Соња Русевска: Она што го замислиле да го остварат, да се упорни, а и секако тие се повеќе се разликуваат од постарите генерации посебно во начинот на размислување, да си ги кажат своите замисли, да не молчат, за да имаат успех на секое поле во животот. Едноставно да се откажат ако треба од нешто, да започнат нешто, помалку да анализираат и да пронајдат начин за да успеат.