Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Александра Стојановска Бизевска.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Александра Стојановска Бизевска: Прекинувајќи ја комфорната зона во професионална смисла, си дозволив да си го отворам патот на поголеми можности и пошироки видици. Не беше лесно после 13 години во една средина, да истапам со чекор во неизвесност и незагарантирани ситуации, но, како викаат, среќата ги прати храбрите, па водејќи се од таа девиза си го превземав ризикот на свој грб и ја донесов одлуката да го прекинам секојдневието кое не водеше кон прогрес и себеразвивање. Можеби среќа, можеби склоп на околности, не знам, но не чекав долго да ги почувствувам бенефитите од мојата одлука. Ја пронајдов средината која инспирира и води кон развој на стручните компетенции, а воедно и опкружување кое те тера да растеш и се развиваш во подобра личност.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Александра Стојановска Бизевска: Мислам дека жените во Македонија се буквално мултитаскинг жени. Во општество каде во целост системот не дозволува лесна и брза организација на животот, нашите македонки успешно жонглираат со обврските и професионалите предизвици. Но, сеуште треба да се работи на нивната сигурност во себе, и на тоа дека не треба да се вразни за ништо и никого, за да успеат во животот. Сигурноста произлегува од начинот на живот, но затоа, тука треба да истапат и граѓанските организации кои ја поддржуваат и развиваат оваа област, и да формираат концепт, кој ќе помогне кон зацврстување на себедовербата кај жените, и можности за себепронаоѓање во професинална смисла. И најбитно од се, а што би рекла Маргарет Тачер, постои посебно место во пеколот за жените кои не им помагаат на жените, тие да си помагаат безрезервно меѓусебе.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Александра Стојановска Бизевска: Во секоја ситуација да истапат со искреност. Не поддржувам тактики, не подржувам конструирање на шеми за постигнување некоја цел. Не поднесувам газење на туѓа среќа за сметка на својата. Едноставно, искрен пристап. Макар тоа било и болна вистина или судбински неуспех. Затоа што животот, порано или подоцна тоа ќе го награди или казни. Добрината со добрина се враќа, можеби кружи и заобиколува подолг период од очекуваното, но секогаш стигнува на вистинската врата.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Александра Стојановска Бизевска: Пред се’, би го тргнала воопшто моментот жена. Можностите се за сите. За сите оние кои умеат, знаат и сакаат. Каква е таа класификација жена- маж?!?! Нема тука специјално правење или неправење, заслугата и наградата одат подеднакво кај сите кои работат, се трудат и придонесуваат. И воопшто не очекувам неспособна жена да биде пред некој способен маж, само затоа што е жена, исто колку што не очекувам неспособен маж да биде пред некоја жена, само затоа што е маж и заради тоа што е запазен бројот предвиден за жени. Броењето на проценти на застапеност исклучително ме разгневува. Не познавам граници во полот, се додека некој е виртуоз во својата стручност и пристап кон средината.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Александра Стојановска Бизевска: Би ги променила во целост наметнатите денешни вредности. Во секоја смисла, и се многу повеќе од три. Всушност, би ги вратила вредностите. Затоа што испарија. Би ја реконструирала свеста (несвеста) кај луѓето, со тоа што би ставила акцент на човечноста, културата и емпатијата.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Александра Стојановска Бизевска: Несигурноста во себе е период кој е природен да се помине, токму заради тоа, да се формираат вистинските особини на личноста. Така да, тоа не треба да депримира, напротив е здраво да се искуси. Штом се искуси, уште поприродно доаѓа моментот на себесакање и сопствена енергија да се соочиш со светот. И тука веќе нема запирање. Затоа запознајте се себеси искрено, работете на тоа што не ве задоволува како личност и жена, без да отстапите од таа намера дури и кога мислите дека не успевате, и блеснете пред светот со постигнатите резултати.
Најнови коментари