Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Александра Цветковска, програмска директорка во НДИ Северна Македонија.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Александра Цветковска: Можеби доцна станав свесна за пресвртницата која ќе ја споменам, иако таа се случи многу одамна, кога бев дете. Во првите 12 години од моето детство, растев во едно патријархално семејство со вредности кои гледани од денешна перспектива се многу застарени. Вредности кои наложуваа подредена положба на жената во семејството, положба која значеше дека жената е таа што треба да чисти, да готви, а и да оди на работа. Положба во која жената не беше доволно слушната, па ќе речам и почитувана. Да, зборувам за мојата мајка. Мојата мајка која во сплет на околности си го најде гласот кога имав 12 години и почна да нè воспитува во комплетно спротивен дух. Нашето семејство составено од мајка, син и ќерка беше пример за заедништво, рамноправност и солидарност. Мајка ми обезбедуваше еднакви можности и за брат ми и за мене и ми покажа дека ги заслужувам тие еднакви можности, ако гледам дека не ми се лесно достапни. Сето ова што го опишав е нешто коешто ме води напред секојдневно во онаа заедничка мисија за родова рамноправност.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Александра Цветковска: Солидарност! Кратко и јасно. Жените поседуваат многу квалитети, способности, знаење, вештини, но она што ни фали во државата е солидарноста, особената кај жените. Многупати кога ќе се најде жена на одредена функција, без оглед дали се работи за партиска, јавна или државна, заборава дека таа може многу да помогне кон обезбедувањето на еднакви можности за многу други жени. А она што најмногу ми пречи е кога некоја жена ќе биде нападната во јавноста, во медиумите, особено социјалните медиуми, па и не толку јавно, многу малку жени го наоѓаат својот глас да ја одбранат, да покажат солидарност со неа. Во последно време, имаме повеќе позитивни примери за ова, но ни требаат многу многу повеќе.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Александра Цветковска: Не знам колку бил важен за другите, но за мене е најважен. Кога некој/а ќе види неправда, не смее да молчи. Треба да укаже на неправдата за да се намалат последиците, а и новите неправди кои би се случиле во иднина.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Александра Цветковска: Под одлучувачи го/ја подразбирам секој/а кој/а има моќ на одлучување во секое поле од општествениот и политичкиот живот кај нас. Тие во секој момент треба предвид да ги имаат еднаквите можности на жените и мажите. Без оглед дали зборуваме за политика, државен или приватен сектор, некако ми се чини дека мажите добиваат можност да ги покажат своите способности на некоја висока позиција и без да поседуваат многу искуство, а жените треба да се веќе докажани во своето поле на дејствување за да ја добијат истаната можност.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Александра Цветковска: Да бидам искрена, за сега би го променила само менталитетот. Со промена на менталитетот ќе дојдат и многу позитивни промени на пракси и политики кои ќе водат кон еднакви можности, кон држава со помалку корупција и поткупување, со помалку празни критики, а со повеќе конструктивни предлози за позитивни промени, политики кои ќе придонесат за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани подеднакво.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Александра Цветковска: Да си го најдат својот глас, и да го користат без оглед на тоа колку е тивок во првиот момент. Секојпат тој глас ќе биде сè појак и појак, зашто ќе почне да охрабрува и други млади жени да го најдат и да го користат својот глас. А кога повеќето, а и сите ќе почнеме да го користиме својот глас, ќе можеме и планини да помрднеме. Заедно можеме повеќе.
Најнови коментари