Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Софија Делева

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со адвокатката Софија Делева од Гевгелија.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Со оглед на денешната динамика и брз начин на живеење и комуникација, кариерата на една девојка или жена има и друга страна, која бара големи откажувања, жртви и поддршка од семејството. Моментот кој остави најголемо влијание во мојот живот беше загубата и на двајцата родители за многу краток временски период од неполни 3 години, кога јас практично започнував да созревам како личност, но и паралелно да ја градам мојата кариера како адвокат, но го изгубив најсигурниот столб и безрезервната подршка. Длабоко во себе знаев дека ме очекува бура која ќе морам да ја преживеам сама, трнлив пат по кој ќе морам да изодам боса и да донесам одлуки за кои и ден денес сметам дека ми ги дадоа најголемите и најтешките животни лекции. После тој момент во мојот живот, најтешко ми е да зборувам за сама себе, секогаш оставам да моите дела или постапки зборуваат наместо мене. Во тој период на движење напред кон целта голема и безрезервна подршка имав од мојата сестра особено да не ја изгубам вербата во себе. Сега секогаш се водам од вербата во себе и чувството дека позади Софија Делева како жена и адвокат, стојам јас сама и никој друг, како и мојата тврдоглавост, упорност и истрајноста во остварувањето на целите, но и помислата дека моите родители горе на небото се гордеат со мене и моите успеси и како жена и како адвокат. Мојата теорија е дека колку и да имате искуство и работни часови позади себе, учите додека сте живи, бидејќи само така можете да опстанете и да се задржите на врвот во било која професија не само во адвокатурата.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Да ги разбијат предрасудите на дневна база, дека изгледот, воспитувањето и бојата на косата не смеат да претставуваат препрека во перцепцијата за жената, ниту мана во поглед на професионалниот ангажман, туку напротив како жени треба да покажат дека со целосна посветеност, упорност и знаење можат да стигнат на врвот односно да ја остварат својата замислена цел.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Се занимавам со адвокатура како професија, со целосна посветеност, пожртвуваност и истрајност, бидејќи го гледам успехот како адреналин. Многу често доста помлади луѓе кои сеуште се на студии или се несигурни во кој правец би се движела нивната професионална ориентација знаат да ме прашаат за совет или да речеме мислење како да ја донесат правилната одлука за одредено прашање или да направат избор во поглед на професијата и секогаш со задоволство ги советувам дека доколку сакаат да се занимаваат со адвокатура во иднина, треба да да ја следат својата внатрешна интуиција и да ја доживуваат адвокатурата не како професија, туку како начин на живот.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Пред се да не ја гледаат успешната жена како конкуренција, бидејќи не постои успешна жена, постои само успешна личност во својата професија. Тој момент кога ќе сфатат дека мажите и жените се рамноправни полови, ќе знаат дека се веќе со едната нога на патот до едно поуспешно, посреќно и поздраво општество на глобално ниво.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Пред се сметам дека секој човек како индивидуа може многу да научи од секоја промена без разлика од каков карактер е, да ја прифати истата и да ја доживее како позитивна или негативна појава, но сепак на човештовото на глобално ниво му требаат големи промени кои би поттикнале решавање на клучни прашања од политички, образовен, професионален, здравствен, културолошки и идеолошки карактер но сепак би дала предност на следниве три промени кои сметам дека би имале придонес за издигнување на едно повисоко животно ниво :

  1. Елиминирање на насилството и трговијата со жени и деца односно да се обидеме сите заедно да придонесеме во светското движење за превенција,третирање и запирање на насилството и трговијата со жени и деца. Насилството и трговијата со жените и децата не познава географски граници, нема возрасна граница, нема социјална еднаквост/нееднаквост, секој од нас може да биде жртва. Да започнеме креативен и мобилизирачки однос за подигање на јавната свест за нулта толеранција и елиминиција на насилството и трговијата со жените и децата на глобално ниво.
  2. Развивање на чувство на човечност и солидарност бидејќи сите ние како луѓе можеме да бидеме нечие засолниште. Се надевам дека секој од нас може да биде нечие засолниште некогаш, безбедно место на кое некој ќе може да се сокрие од бурите. Правете им добро на другите луѓе, поврзете се со нив, сакајте ги. Прво еден човек, па двајца и така ширете го вашиот круг. “Тажно е што живееме во свет каде луѓето се “делат“ според парите, социјалното потекло, бојата на кожата и други суштински неважни карактеристики“
  3. Задолжително да се подигне свеста на глобалното влијание на ракот на највисоко можно ниво и да се зголеми разбирањето за негово спречување, откривање, лекување и нега. Земјите со ниски и средни приходи се потешко погодени од рак одколку високоразвиените земји. Од суштинско значење е решавањето на светскиот товар кој го носи ракот како болест и подобрување на ефективните мерки за негова контрола. Мотивирачка кампања од страна на секоја поединечна држава да се направи силен сојуз помеѓу истражувачите, здравствените работници, пациентите, владите, стопанствениците и медиумите во борбата против ракот.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Пред се да веруваат во самите себе и во одлуките кои што ги носат. Да се движат исклучиво напред со позитивни мисли и енергија и никогаш да не се откажуваат дури и во моментите кога мислат дека целиот свет им се руши, бидејќи само така ќе постигнат успех. Да се стремат кон независност на секое поле, а особено во финансиски поглед, бидејќи кога јас го купив мојот прв пар „Лубутин“ чевли сфатив дека нивната вредност е само во тоа што сама ги платив. Непроценливо чувство.