Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Марина Пешиќ

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. 

Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Марина Пешиќ, професорка по физичко образование во ПОУ „Др. Златан Сремец“, пилатес и јога инструкторка во клубот Фитлајф во Скопје.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Дисциплината, но и слободата што моите прекрасни родители ми ја дадоа во детството, а можеби и јас си ја земав, а тие ми дозволија, 🙂 па бев слободна да ја задржам детската љубопитност како во детството, така и сега. Поради таквата слобода и љубопитност, како моја професионална определба да се дружам со физичката активност, а во сплет со животните случувања, покрај долгогодишната дружба со пилатесот  – се запознав и со Јогата. Токму  јогата и нејзините принципи ме вратија кон самата себе. Среќна сум што имам можност да ги споделувам и разменувам моите искуства на часовите по јога и пилатес со сите што случајно или не се придружиле во групата.  Заедно со групата растеме и стануваме свесни за многу работи кои претходно сме ги гледале „здраво за готово“. Тоа што го применуваме за време на изведувањето на вежбите, патот што го поминуваме до остварување на некоја вежба е всушност патот што го поминуваме во сите лоши или добри ситуации во нашето секојдневие. Со јогата учиме како да ги прифаќаме работите на начин кој што е најдобар за нас, а да не се откажеме. Ме радува што ете сум предизвикала убави емоции и искуства, па така и се најдов номинирана на вашата акција.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Поголема самодоверба! Традиционалниот (патријархалниот) начин на воспитување се уште се отсликува во мала самодоверба на жените во нашата држава, па тие секогаш се ставаат себе си во втор/ трет план.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Најверојатно мотото на Maya Angelou – американска поетеса и борец за човековите права, кон кое што и јас секогаш се придржувам: „Секогаш прави најдобро што можеш во моментот. Кога ќе можеш подобро – направи го!“

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Да вклучат што поголем број на жени професионалци во сите институции преку кои се „крои“ развојот на нашата држава и општество. Мудроста, интуицијата, посветеноста, темелноста, но и праведноста што жените природно во себе ги имаат сигурно ќе дадат позитивни резултати.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

– Свеста за екологијата во Македонија! Би вовела задолжителен ЕКО ден еднаш месечно, како што и всушност во моето училиште за деца со посебни потреби „Др. Златан Сремец“, веќе неколку години го имаме. Во сите организации и институции!

– Свеста за децата/луѓето со посебни потреби! Би вовела задолжителна еднодневна волонтерска работа со оваа категорија на луѓе на сите граѓани еднаш годишно, а можеби и почесто.

– Свеста за придобивките од физичка активност – секоја организација да им обезбеди на вработените 3-4 пати физичка активност по избор.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Слушајте си ја интуицијата и продолжете да си го следите сонот. И малите чекори се важат! Само не застанувајте! И секако, задолжително бидете физички активни, тоа дополнително ќе влијае на самодовербата.  🙂