Интервјуа

Перуника Петкова, маркетинг менаџерка на Пропоинт

Перуника Петкова е Маркетинг Менаџерка во Пропоинт, со искуство во компанијата 13 години, а во печатарската индустрија воопшто 25 години. Жена која е почитувана и препорачана од колешките и која успева да направи убава работна атмосфера во тимот.

Еднакви.мк: Вие сте маркетинг менаџерка во една од најголемите печатници во Македонија. Како изгледа Вашиот работен ден?

Перуника Петкова: Пред се да кажам дека работата мора да се сака. Доколку го работите она што го сакате или го сакате она што го работите, она што ве исполнува и душевно ве храни, не ви се потребни додатни напори да истраете со сите предизвици што ги носи секој нов работен ден. Секој мој работен ден се состои од исти работни обврски, но скоро никој не личи на претходниот благодарение на тоа што работам во производствена дејност и палетата на производи не е еднолична туку секој ден имам нов предизвик, нов производ за кој многумина се прашуваат дали е произведен во Македонија. Нормално јас не ги реализирам сама, зад мене стои тим којшто ме подржува во реализација, а јас сум тука да ги прифатам предизвиците.

Еднакви.мк: Дигитализацијата е во постојан пораст, со што се добива впечаток дека тоа значително влијае врз печатарската индустрија. Дали и како Вие се соочивте со овој проблем?

Перуника Петкова: Со појавата и експанзијата на дигитализацијата човековите навики се променија многу. Со неколку клика доаѓаме до било која информација и мора да признаеме дека дигитализацијата донесе многу предности. Но сепак не е само тоа составен дел на човештвото. Многу е поинакво чувството кога го бираме потребниот производ на рафт, а во изборот голем удел има печатената амбалажа. Поинакво е чувството кога ќе добиеме покана/честитка во рака и со восхит го гледаме секој осмислен детал на неа, а не само да го прочитаме текстот/пораката. Соочувањето со проблемот дигитализација е неизбежно, но за среќа без некои големи последици и без сериозни ризици за опстојување на печатарската индустрија. Постојат амбалажи за многубројни производи што ќе се печатат и понатаму. Страста за читање книги не се задоволува само со држење во рака паметен уред, тука бирање автор, воодушевување на дизајн на корица, коментари за избор на бои, техника и хартија. Сето тоа ни укажува дека печатениот материјал уште долго нема да изумре во целост со развојот на дигитализацијата.

Еднакви.мк: Вашата компанија минатата година инвестираше во изградба на соларна централа со што се доближивте до концептот  „100% зелена компанија“. Може ли да ни кажете нешто повеќе за овој проект?

Перуника Петкова: Поради климатските промени, во целиот свет се повеќе е актуелно користењето на сончевата енергија, бидејќи таа е неисцрпен и еколошки чист извор на електична енергија. Нашата географска положба е многу поволна со многу сончеви денови, многу повеќе од некои европски земји коишто многу вложуваат во соларни централи. Инвестирање во соларни централи носи економски бенефит, но пред се го ставаме акцентот на екологијата. Во 2019та година нашата компанија инвестираше во соларна централа. Поставивме фотоволтаични панели на кровот од објектот со капацитет од 425 киловат часови. Вкупното прозводство на електрична енергија во првата година изнесуваше околу 500 MWh, со што остваривме придонес за 470 тони CO2 редукција на јаглерод диоксид. Произведената енергијата ја користиме за сопствени потреби, а вишокот го пласираме во дистрибутивна мрежа. Со оваа мерка се доближивме кон поставената цел, да бидеме “100% зелена компанија” и дадовме сериозен придонес во намалување на загадувањето и намалување на негативните ефекти врз климатските промени. Во 2020та година купивме и електрични возила и ова е последна од инвестициите во енергетската одржливост за нашата компанија.

Еднакви.мк: Вие сте една од ретките жени менаџери во приватниот сектор. Како стигнавте дотука и кои Ви беа главните пречки?

Перуника Петкова: Велат дека тајната на успешен живот е да го пронајдеме она што судбината ни го одредила да го работиме. Во потполност се согласувам со тоа дека е уметност да се пронајде она што не прави среќни, а воедно да ја оствариме својата животна цел. Пред сѐ е потребна смелост, храброст, стабилно семејство, искрени пријатели и истрајност за сѐ во животот, за успех. Сите ние знаеме колку е тежок патот до успехот, колку и што сѐ треба да се жртвува, колку сила треба за да една жена истрае во сето тоа на еден достоинствен начин. Потешкотии и пречки постоеле, но сѐ се заборава кога постои љубов кон она што го работиме. Сакам да уживам и да го работам она што ја оплеменува мојата душа, и за среќа тоа е така.

Еднакви.мк: Што би им кажале на младите жени кои сакаат менаџерски кариери, што според Вас е најважно за исполнување на таква цел?

Перуника Петкова: Пред се, да бидат истрајни и доследни во она што го работат. И никогаш единствена цел за остварување на сонот да не бидат финансиите, тие се награда за она што ќе го постигнеш.

Еднакви.мк: 2020 година беше исклучително тешка година за сите нас. Како се соочивте со сите предизвици кои ги донесе секојдневието?

Перуника Петкова: Точно 2020-та беше тешка година за сите нас. За жал, кризната состојба се одрази на економијата секаде во светот, па и кај нас, но ние во нашата компанија го поднесовме ова “на нозе”, позитивно, со верба дека ќе заврши што поскоро за да можеме да настапиме со новите идеи за што побрзо враќање на нашето поставено ниво и цел.

Еднакви.мк: Кои се Вашите планови и очекувања за следната година?

Перуника Петкова: Мислам дека изминатава 2020-та година ни покажа дека не можеме многу да планираме и очекуваме, но сепак можеме да работиме 😊 Нови предизвици се мои двигатели, се трудам секогаш да бидам мотивирана, да поставувам и разработувам нови концепти за да секоја следна година ми биде поуспешна од претходната. Во моментов сум фокусирана на засилување на брендот Пропоинт, промовирање на нашиот нов производ “етикети во ролна” и се надевам дека до крајот на 2021-ва ќе можеме да се пофалиме со некоја нова инвестиција.