Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Снеже Бегоска, медицинска сестра.
Еднакви. мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Снеже Бегоска: Барајќи се себеси и смислата за нашето постоење не учи дека животот ни се случува секој ден.
Така да, секојдневно секој нов ден може да ни предизвика промени во нашиот живот.
Мене лично пресвртница ми беше првично станувајќи сопруга и мајка. Сите тие обврски ме натераа да бидам похрабра, поодлучна и пред се одговорна.
Следното беше вработување во ГОБ 8-ми Септември како медицинска сестра.
Незаменлива и хумана професија, која во целост ме исполнува, а задоволството е секогаш мое, бидејќи да се помогне на луѓето во моменти на криза и да се направи добро дело е неописливо чувство.
Еднакви. мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Снеже Бегоска: На нашите жени, посебно на помладите генерации сега се им е достапно, и мислам дека веќе ги следат трендовите за начинот на живот, комуникацијата им е на повисоко ниво, а самодовербата им е се поголема.
Денес жената гледам дека се стреми да биде еднаква и успешна во секое поле.
Еднакви. мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Снеже Бегоска: Мојата професија ми овозможува да се запознавам секојдневно со луѓе и да комуницирам со нив.
Но не можам да издвојам најважен совет, бидејќи во одредени моменти неизбежно е да споделиш нешто со што ќе ги поткренеш за миг, охрабриш и ќе им влееш надеж.
Знам дека животот знае да си поигра, да биде суров и непредвидлив, но ништо нема да е подобро ако се откажеш од него.
Еднакви. мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Снеже Бегоска: Искрено мислам дека жените без разлика на нивната професија треба да бидат вклучени во сите области кои треба да одлучуваат.
Сеуште е табу тема семејното насилство, тоа треба да се спречи, и секако дискриминицијата во сите облици.
Еднакви. мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Снеже Бегоска: Секојдневието ни нуди можност да се промениме и да смениме многу работи.
Доколку би имала одлучувачка моќ би сакала да променам некои работи во образовниот систем.
Нашите деца се наша иднина, и тие треба да бидат нејзин креатор.
Луѓето да се селектираат според степенот на образование и нивната стручност и искуство.
Да се подигне свеста за живеење на здрав живот, бидејќи во моментов се соочуваме со голем проблем кој произлегува од нашиот степен на одгворност и начин на живот.
Еднакви. мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Снеже Бегоска: Нашата лична среќа е невозможна без среќата на другите.
Сакам кога гледам насмевки на лицата на луѓето.
Сакам кога младите се дружат, се забвуваат и си помагаат, но мора да изградат свои лични соништа и да се стремат кон нивно остварување, бидејќи чудата се случуваат.
Сакам на секој страв да му пријдат како предизвик.
Сакам да го сакаат животот, и да научат да му се радуваат.
Најнови коментари