Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Васка Волчева

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Васка Волчева, извршна асистентка на две компании, NDS Digital и The Bradfor Group, лоцирани во Оклахома, САД. Двете компании се во областа на Дигиталниот Маркетинг и се тесно поврзани една со друга. Нејзината секојдневна работа главно се однесува на делегирање задачи помеѓу тимот и следење на истите или кратко кажано, одговорна за непречено функионирање на двете компании во целина.

Друга дејност со која започна неодамна е основање продавница (online store) во нејзина сопственост. Се работи за креативни дизајни кои ќе го разубавуваат вашиот ден и простор. Во директна соработка со Printify и Canva работиме на создавањето на првата колекција. Истата ќе биде пуштена на продажба наскоро на добро познатата платформа Spotify.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Васка Волчева: Најпрво сакам да и се заблагодарам на Весна Маркоска за номинацијата. Воедно и на вас што ми овозможивте да бидам дел од вашиот проект.

За пресврти во мојот живот до сега можам слободно и гордо да кажам дека имало неколку. Благодарение на нив сум ова што сум денес. Првиот пресврт се случи кога ја добив првата работа во САД, воедно и кога за прв пат ја напуштив Македонија. Вториот кога за прв пат станав мајка, а истовремено и невработено лице по 15 години активен работен однос. Третиот пресврт всушност започна неодамна и сеуште е во тек. Спознавањето и изучувањето на законот на привлекување  (Law of Attraction). Поради овие пресврти сум остварена жена, мајка и сопруга. Реализирана во сите сфери од мојот живот.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Васка Волчева: На жените во Македонија, пред сѐ, итно им е потребен функционален здравствен и образовен систем. Ова се однесува за сите граѓани.

Следно што им е навистина потребно е заштита од насилство. Физичко и психичко. Семејно и вон семејно. Овде ќе ја спомнам и половата дискриминација која сеуште е застапена во поедини области. На голема жалост свеста кај нас на ова тема е на застрашувачки ниско ниво. Уште повеќе застрашувачки е што младите учат да живеат со сето тоа како да е сосем нормално. Овие жени мораат да имаат каде да се обратат. Заштитен систем кој ќе застане позади нив. Систем кој ќе функционира.

Друго што им е потребно на жените во Македонија е организирање на проекти во сите сфери на општеството, каде жените ќе бидат активно вклучени. Организација на обуки, курсеви и семинари со што ќе им се овозможи на жените да се надоградуваат на личен и професионален план. Секако ова да биде спонзорирано од Владата и да биде бесплатно за секоја жена што сака да се вклучи.

Ние имаме навистина голем потенцијал во Македонија. Нашите жени се посветени, лојални и решителни инелектуалци, гордост на нашата земја.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Васка Волчева: Биди упорен во остварувањето на своите соништа. Никогаш не се откажувај. Бидете храбри и одлучни. Еден ден, кога на своите 80 години ќе се присетите на минатото, нека ви донесе блага насмевка и чувство на благодарност за сите ваши достигнувања кои ви овозможија живот вреден за живеење.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Васка Волчева: Да го реализираат сето она што го кажав во вторто прашање како одговор.  Да имаат слух и почит за својот народ и неговите потреби.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Васка Волчева: Само едно и според мене многу важно. Би сакала да можам да ја покренам свеста кај луѓето. За нивното постоење и опкружување. Свеста за сопствените мисли. Да бидат свесни дека нивните мисли се само мисли и дека имаат моќ да ги сменат доколку не им се од корист.

Колку пати во глава репризираме негативни сценарија што не се ни случиле? Замислете го чувството на страв и очај? А сега, замислете тоа да биде сценарио на среќни моменти, спокој и остварени соништа. Разликата е очигледна. Верувајте, од вас зависи.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Васка Волчева: Прво и основно а воедно и најважно да се сакаат себеси.

Секој успех започнува со љубовта спрема себе. Овде не станува збор за егоизам и вообразеност. Напротив, чисто освестување на своето битие со сите доблести и недостатоци. Прифатете се без критики. Препуштете се и верувајте во моќта на позитивната мисла.

‍Јас живеам со верба дека сѐ што се случува е за мое најголемо добро и сѐ што треба да се случи ќе се случи во за мене најдобро време. Моментот кога навистина поверував во ова животот ми се промени.

Од срце ви посакувам да поверувате.