Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Ирена Тушевска, Менаџерка за логистика на камиони кои возат во Европа, во исто време и социјална работничка и заменик претседателка на Здружението за подршка на деца без родители и родителска грижа Фице-Македонија. Мајка на 5 годишна керка.
„Во секоја жена од нас има хероина но треба сами да ја пронајдеме. Да собереме сила и да кажеме: Јас можам, Јас ке успеам!!!“
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Ирена Тушевска: Раѓањето на мојата керка. Mислата дека ти треба да си огледало на твоето дете ме промени.
Не сакам мојата ќерка да живее според мислата „така ми било пишано“. Секој сам си ја крои судбината. Ќе кажам само Господ нека и дава здравје, сѐ друго сама ќе си створи ако е храбра и упорна како мама.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Ирена Тушевска: На жените им треба повеке самодоберба и храброст.
Јас ќе се обратам и кон мажите и кон жените.
Според мене се еднакви. Сите сме исти и жените работат како и мажите. Не треба да има предрасуди. Еве ке ви кажам дека многу жени возат и камиони.
Јас имав искуство да работам со жена што вози камион и ѝ симнувам капа. Десет мажи да соберам не можам да ги споредам со неа. Самохрана мајка, жена борец. Ја поздравувам.
На тие што се во брак само ке им кажам да веруваат во себе и во своите сопружници. Треба еден на друг да си давате подршка. Ако нема поддршка бракот ќе се распаѓа.
Мажи: ако сте поуспешни од вашата жена не значи дека треба да ја навредувате, поддржете ја да најде работа или ако не успеала да најде работа заблагодарете ѝ се за сѐ што направила во текот на денот за вас, за децата, за куќата, а и обратно. Жената ако е поуспешна нека го бодри мажот и верува во него.
За жените: Најбитно од сѐ е да сте независни. Најдете работа, прво најслатко од сѐ е да си купиш нешто со пари кои сама си ги заработила, второ емоционалната состојба ќе ви се подобри кога ќе комуницирате со некој надвор од домашните и кога вашиот труд некој ќе го цени и плаќа. Ако седите дома постојано ќе работите околу домот, ќе бидете преморени, а за жал во 80 % од нашата култура никој нема фала да ви каже и уште ќе Ви префрла дека ве рани.
За самохраните мајки: Како што веќе кажав -Ви симнувам капа жени. Само напред и главата горе! И секако насмевка на лице. Вашата насмевка ги храни вашите деца!
Имам само да додадам не само спрема жените, сите оние кој се на пониско ниво од нас не треба да се омаловажуваат. Вие може имате повисока функција од некој, ама тој можеби има поголемо срце од вас и е посреќен од вас пошто знае да ужива во малите работи. Верувајте среќата не се купува со пари. Јас сум била во скапи хотели на одмор, сум седела во елитни ресторани, ама ништо не може да се спореди со она што сум го поминала во студенските денови кога без пари во џеб ги правевме најубавите журки или со игрите без граници со ќерка ми и децата од маало, на улица пред зграда. Барајте ја среќата во малите нешта.
Зависта и алчноста за жал направија несреќни многу луѓе.
Не гледајте што имаат другите, заблагодарете се на тоа што го имате.
И не го правете она што не сакате да ви го прават на Вас!!!
И секако бидете хумани колку можете. Верувајте животот е бумеранг, за тоа правете добри дела за да ви се врати со добро!
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Ирена Тушевска: Дека позитивната мисла влијае на успехот и среката.
Мислете позитивно и ќе ви се случат убави работи.
На секој мој пад викав „сигурно нешто подобро ме чека“. И секогаш се случуваше. Пробајте, делува!!!
Вашата мисла ви го креира денот. Ако станете со позитивна мисла, верувам дека и денот ке ви биде поубав. Насмевнете се, помогнете на некој, не завидувајте и простувајте.
Ако од старт на денот почнете со раскажување на лоши сонови и намуртено лице верувајте и животот ќе ви се намурти.
Не дозволувајте проблемите да ви ја одземат насмевката , вие решете го проблемот со насмевка. Запомнете, секој проблем има решение!
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Ирена Тушевска: Загарантирана работа за самохраните мајки.
Повеќе мерки за сузбивање на насилството врз жените и поголема заштита на жртвите на насилство.
Повеќе информираност на жените посебно во руралните средини за ракот- за неговото спречување и лекување. Бесплатни задолжителни гинеколошки прегледи на жените во години.
Како и отворање на повеќе градинки во поголемите општини. Познавам многу жени кои не можат да работат поради тоа што нема кој да им ги чува децата. Запишувањето во градинка е исто како да бараш работа во државна администрација, ако немаш врски ништо. Јас имав голем проблем да ја запишам мојата ќерка во градинка. Неколку месеци работев од дома и во исто време ја чував ќерка ми . Тогаш отидов во градинката направив бунт и не излегов, додека не ми ги дадоа документите за упис. Дури и се расплакав, ама успеав. Зборувам за во Скопје, во помалите места мислам дека и градинките се празни. Општините прават големи грешки, наместо да вработат бар еден од младите брачни парови, тие ќе донесат некој од друга општина пошто имал партиска книшка. Власта ги избрка младите од малите места, а и од Македонија.
Значи мора да има место за градинка за секое дете, не е битно дали мајката не работи , тогаш како би ја мотивирале да работи.
Познавам и жени кои почнаа со работа и не успеале пак да најдат место во градинка. Кога увидоа дека плаќањето на жена е исто колку нивната плата, мораше да ја остават работата.
Воедно според мене децата кои одат во градинка се посамостојни, побрзо прозборуваат и подобро се снаоѓаат со проблемите во иднина.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Ирена Тушевска: Да нема семејно насилство, да нема трговија со жени и деца и да нема партиски вработувања. Трудот да се вреднува по образованието и квалификациите кои ги поседува личноста.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Ирена Тушевска: Ниеден маж нема право да удира жена, да ја навреди или понижи. Сакај се себе си и стави точка на она што не е здраво за тебе.
Бидете храбри и верувајте во себе и вашите ставови! Вие ако не верувате во Вас не очекувајте да ви поверува ни Вашиот маж или околината.
Немојте поради никој да оставите работа!
Сменете ја работа која не ве исполнува!
Тие што не работат под итно да се потрудат да најдат работа, дури и тие што се финансиски стабилни..
Доколку нема за вас место во државната администрација пробајте во приватниот сектор. Секој цени добар работник и имате многу повеќе шанси за напредок.
Воедно не ги прескокнувајте огласите за кои мислите дека се невозможни за вас. Најбитно од сѐ е да имате волја за работа и да верувате дека ќе успеете.
Успешна жена е жената која покрај сите проблеми што ги има оди со исправена глава, насмевка на лице и никогаш не се откажува.
Пред сѐ, бидете добар човек и како што кажав започнете го денот со позитивна мисла и насмевка.
Најнови коментари