Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Лилјана Јоноски

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Лилjана Jоноски, извршна директорка на Рурална Коалициjа.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Лилjана Jоноски: Иако не е позитивен, сепак еден момент би издвоила коj што навистина важи за пресвртница во моjот живот, а тоа е моментот кога останавме дома со сопругот без пари, без работа и со мало штотуку родено бебе. Дури тогаш сфаќате кои се вредностите во животот, дури тогаш гледате дали и колку имате приjатели околу себе, ама пак исто така тогаш jа добивате силата да ги земете работите во свои раце и да направите нешто повеќе за себе си ама и за битието кое што сте го створиле. И тогаш започнувам да аплицирам на сите можни отворени работни позиции. Испратив над 200 апликации, одговор добив од многу, безброj интервjуа, безброj патувања од Кичево до Скопjе и назад, ама резултати нема. И тогаш го добивам повикот исто така од жена, раководителка од друга граѓанска организациjа за ангажман, а ова ЖЕНА го напоменувам затоа што токму таа jа разбра целата моjа животна ситуациjа без дополнителни прашања, сомнежи и веруваше во моите квалитети и капацитети, иако бев со мало четиримесечно бебе. И од тоj момент сфатив дека мора да се научам да jа зграпчам секоjа дадена можност, да го искористам секоj добиен повик, да создавам нов свет за мене и за моето семеjство затоа што ништо не е недостижно ако се сака многу да се оствари и дека секоj момент треба да се искористи за да се направи наjмногу што може за себе и за другите околу себе. И од тоj момент ангажманите почнаа да се зголемуваат, да се работи од дома, ама и доста да се патува, па видливоста на моите резултати во работата го поттикнаа и напредувањето во кариерата и ете денес сум горда извршна директорка на една од организациите кои што влиjаат врз унапредување на условите за квалитетен живот во руралните средини, Рурална Коалициjа. Но, тука мора да споменам и еден друг момент коj што сметам дека е важен за секоjа една жена, а тоа е поддршка од мажот во семеjството или воопшто од машките членови во фамилиjата или заедницата. Затоа што се започнува токму од тука. Jас таа поддршка jа имам од самиот почеток, па се до ден денес од своjот сопруг и треба да jа има секоjа од нас, а особено ваквата поддршка е важна за сите нас кои што сме се реализирале и како маjки, а кои што во исто време градиме и кариера.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Лилjана Jоноски: На жените во Македониjа им е потребно да се ослободат од стегите и од општествените норми во кои што сите ние сме научиле да живееме и сакале да признаеме или не, сеуште ги практикуваме. На жените исто така им е потребно да им се признае заслуженото место кое што го имаат во општеството и за кое што се избориле преку многу борби, преку многу животни приказни како моjата, да им се признае дека токму тие се носителките на промените во секое едно општество, па и во нашето. Меѓутоа за жал каj нас сеуште во наjголем дел се невидливи особено во секторот каде што работам, во земjоделството, во руралните средини. Сеуште говориме за сопственички права, сеуште се соочуваме и мора да се бориме за квоти за да си го обезбедиме основното човеково право, како што е родовата еднаквост што сметам дека досега требаше да ни биде пракса во секоjдневното живеење, а не за него да говориме како за право кое што сеуште не сме го достигнале. Потребно е само секоj граѓанин во општеството да го практикува и почитува она што ни е загарантирано со основните човекови права и веруваjте работите ќе бидат многу подобри во целото општество и за сите. Но, за да се достигне ова потребно е сеуште jакнење на свеста за овие права, сеуште е потребно многу да се говори за еднаквите позиции во општеството, сеуште е потребна многу едукациjа, но и потребно е да се следат примерите на жените кои што веќе успеале и го изодиле патот до еднаквоста за да ги поттикнат процесите секаде онаму каде што ваквите процеси не се сеуште започнати.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Лилjана Jоноски: Она што секогаш го споделувам со сите, а поучена од моjот сопствен пример е Да верува во себе, во она што е, да не се откажува од она што го сака без оглед на броjот на пречки кои што стоjат на патот до остварување на целта. Затоа што лично од моjот пример и од она што jас го доживеав, сигурна сум дека тоа е наjважното што треба да го има секоj човек односно да верува во себе за да може да успее на секое животно поле.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Лилjана Jоноски: На одлучувачите би им препорачала да го практикуваат правото на родова еднаквост во секоj домен од општественото живеење. Би им препорачала да се тргнат од квотите, броjките, од сликите на лажно прикажување на родово еднакво општество и да се зафатат за работа на терен, да jа видат вистинската слика и положбата на жената и да започнат еднаквоста да jа промовираат и практикуваат секоjдневно започнуваjќи од своjот дом, па пошироко во општествените текови. Да ги признаат и да говорат за достигнувањата на жените во секоjа една област без оглед на тоа дали станува збор за политиката, за науката, за бизнисот, ама и да создадат едно општество кое што ќе дава еднакви можности за докажување и успех на сите. И тоа да биде секоjдневие во кое што сите ќе живееме, а не само квота или броjка коjа што треба да се достигне и сме завршиле работа, а при тоа да не се гледа реалната слика на практикување на родовата еднаквост особено ако се спуштите на локално ниво во заедницата каде што сеуште над 70% од жените веруваат и сметаат дека има поделба на машки и женски работи и дека местото на жената е во домот и да се грижи за децата и постарите, а мажот е тоj коj што треба да излегува и да заработува, а и да ги носи одлуките во семеjството. Иако ова се процеси за кои што е потребно време бидеjќи станува збор за менување на целосен ментален склоп каj населението сепак сметам дека еднаш мора да се започне со практикување на овие процеси ама тоа да се прави реално и на вистински начин.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Лилjана Jоноски: Работи кои што треба да се променат особено во нашето општество има многу. Меѓутоа еве би почнала прво од себе затоа што секоjа промена всушност започнува од нас самите, па така се менува и светот. Би сакала да бидам многу поупорна, поцврста и уште повеќе влиjателна во она што го работам, а се со цел да може да придонесам колку што е можно повеќе во креирањето на еднаквост и рамноправност за сите. Би jа променила перцепциjата жената да се гледа како ранливо суштество, како понежен пол. Понатаму доколку би имала можност би ги променила и би ги унапредила условите во кои што живееме, создаваме и во кои што ги градиме нашите вредности. Би ги вратила и би ги направила многу поприсутни човечноста, моралот, етиката, грижата за другиот, би го вратила заедништвото и помагањето едни со други. Ама наjмногу би сакала да можам да создадам локални заедници во кои што владее еднаквиот пристап до образование, до добра, до услуги за сите. Секоj да ги има еднаквите шанси за успех, секоj да го има местото во општеството кое што му припаѓа без оглед на тоа дали е маж или жена, дали е дете или возрасен, дали живее во град или во село, затоа што само така ќе имаме можност да изградиме општество кое што ќе биде исто и еднакво за сите.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Лилjана Jоноски: Би им порачала да не се плашат од своите соништа, од своите замисли од она каде се гледаат себе си во општеството, во семеjството, од она што сакаат да го работат или достигнат. Да не се плашат како ќе изгледаат во очите на другите особено ако доаѓаат од помали средини. Би им порачала да се ослободат од стегите доколку ги чувствуваат на себе или во своjата близина и да направат да го живеат своjот сон. Да jа зграпчат секоjа можност коjа што ќе им се даде и да го дадат своj максимум во она што го прават без оглед на тоа дали станува збор за домот, за семеjството, за кариерата, за околината затоа што само кога се дава максимумот, кога се верува искрено во она што се работи, кога посветеноста и лоjалноста се вредностите кои што ве водат кон она што сакате да го постигнете успехот е загарантиран. Можеби нема да го добиете веднаш, можеби нема да доjде се толку брзо како што сте очекувале или сте се надевале, но откажувања нема, затоа што секогаш успеваат само тие кои што се истраjни во своjата животна борба.