Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Моника Чекаловиќ

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Моника Чекаловиќ, социјална работничка.

Еднакви.мк : Кој момент го сметате за пресвртница во својот живот ?

Моника Чекаловиќ: Кризите се неминовен дел од  животните циклуси на човекот. А секоја криза носи некоја промена. Оттука тргнува и мојата животна пресвртница, која е поврзана со загуба на блиска личност. По овој немил настан,  започнав поинтензивно да се бавам со превенција и интервенција на социјални ризици, организирање на хуманитарни активности,  активен волонтеризам и граѓански активизам.

Еднакви.мк: Дали сметате дека жените во нашето општество ги препознаваат различните облици на насилство ?

Моника Чекаловиќ: Сметам дека жените во нашето општество се запознаени со облиците на насилство, но се потолерантни кон истото, поради стравот од товарот на стигмата од општеството и недоволната информираност за нивните права и ресурси кои постојат кај нас. На пример, една жена која е физички нападната- знае дека е жртва на физичко насилство, но истото можеби  нема да го пријави од економски, психолошки или социјални причини. Една жена која е омаловажувана и навредувана, знае дека е жртва на психичко насилство, но најчесто наоѓа оправдувања за постапките на сторителот. Една жена која е принудена на сексуален чин, односно силувана, знае дека е жртва на сексуално насилство, но истото можеби нема да го пријави поради осудата и стигмата во општеството. Жена која е во работен однос, а со нејзините финансии раководи некој друг, знае дека е жртва на економско насилство, но можеби нема да го пријави делото поради целокупниот процес на докажување. Поради тоа, постои неминовна потреба од економско зајакнување на жените во социјален ризик, јакнење на личните капацитети, како и подигнување на јавната свест во борба против насилството.

Еднакви.мк: Согласно моменталната состојба во врска со насилството врз жените, дали мислите дека овие жени имаат доволно поддршка од општеството?

Моника Чекаловиќ: Низ призмата на жртвите, не верувам дека е доволен еден хаштаг за да се охрабрат да го направат првиот чекор, сè додека се бараат оправдувања за силувања. Сè додека ги игнорираме чудните звуци од соседниот стан. Сè додека надлежните органи ги распитуваат жртвите како виновници. Сè додека никој не сноси одговорност за споделување на експлицитни фотографии во јавни групи на социјални мрежи. Сè додека семејното насилство е семејна работа. Сè додека со жртвите работат луѓе без грам емпатичност. Сè додека силувањето во брак е оправдано. Сè додека постапката на делото зависи од моќта на насилникот. Сè додека на национално ниво, директно со жртвите посветено работат неколку женски здруженија, а останатите се бават со „икебанијади“ и ,,тортилијади”. Сè додека 8-ми март е повод за размена на хулахопки и каранфили, а не повод за подобрување на положбата на жената во општеството. Сè додека стигмата и предрасудите се поголеми од човечноста!

Во меѓувреме имаме споделување на слики за подигнување на јавната свест, а гледаме замижување пред сите неправди, сето тоа е индикатор дека за жал, сепак се сами…

Еднакви.мк: Што би им препорачале на надлежните органи ?

Моника Чекаловиќ:  Надлежните органи би ги повикала на Истанбулската Конвенција, во спротивно со непостапувањето на институциите, се дава можност и во иднина делата да се повторуваат поради несанкционирање на истите. Додека пак, жртвите поради недоверба во институциите и системот ќе бидат обесхрабрени да пријавуват. 

Еднакви.мк: Што би им препорачалена девојките и жените, кои трпат било каков облик  на насилство ?

Моника Чекаловиќ:  Насилството е насилство! Не може да постои изговор или оправдување за насилство. И покрај сите недостатоци, во нашето општество постојат организации кои посветено работат на оваа проблематика  (Национална Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Прв Семеен Центар). Како социјален работник, Ви стојам на располагање, заради упатување или придружба за пријавување. Заедно да го кренеме гласот против насилството, за ниту една да не биде сама.